Достапни линкови

Неделен печат – Владеењето на Заев и економскиот раст


Архивска фотографија: Прес-конференција на премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-премиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии, Драган Тевдовски

Неделникот Фокус го анализира досегашното владеење на владата на премиерот Зоран Заев, а Капитал објавува интервју со првиот човек на Светската банка во Македонија, Марко Мантованели.

Фокус - Не сум разочаран од власта, зашто не бев ниту очаран!

„Не сум разочаран од власта, зашто не бев ниту очаран!“ – признава уште во насловот на својата анализа главниот уредник на Фокус. Откако на увид ги става сите забелешки на десетмесечната нова Влада, авторот наведува дека коруптивната и по дух примитивна пракса да се обезбеди легачка работа во државната администрација, да се добие незаслужено унапредување, да се лапне тендерче преку партиско фирмиче, останало лајт мотив на очекувањата на пауперизираните маси. А новата власт на Заев воопшто не се ни обиде да отвори голем дел од овие рак-рани на македонската небиднина, пишува Фокус. Па продолжува дека од Заев и од дружината на власт не е разочаран зашто знаел дека кадровскиот капацитет на СДСМ додека беше во опозиција, уништуван и десеткуван за време на режимот на Груевски, веројатно не е најдобриот политички и експертски избор што може да се добие во Македонија. Не сум разочаран, продолжува авторот, зашто знаев дека во новата власт има гладни усти кои ќе сакаат да се нахранат, а некои нечесници и да ги „натоварат магарињата“. Не сум разочаран затоа што немав воопшто дилеми дека партијата нема приоритет да расчистува со олигарсите кои го товеа режимот на пастирот, полнејќи ги и своите чекмеџиња... Не сум разочаран затоа што не се надевав дека газдите на криминалните ТВ–инки на груевизмот ќе се соочат со суд, туку знаев дека нивните медиуми ќе почнат да глумат независно новинарство и така натаму и така натаму, реди Фокус. И поентата: Не сум разочаран, зашто не бев ниту особено очаран, ниту очекував чуда. Заедно со мнозинството граѓани, сакав само да му дадам шанса на Заев да се обиде да владее пристојно. Се надевам дека нема да ја уништи – како да извикува авторот на анализата во Фокус.

Капитал - Приватниот сектор треба да биде главен двигател на економскиот раст во Македонија

Најновото издание на магазинот Капитал објавува интервју со Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија. „Приватниот сектор треба да биде главен двигател на економскиот раст во Македонија“ – е поентата од разговорот извадена во насловот. Мантованели потсетува дека Светска банка ги прилагодила проекциите за брзината со која се очекува да продолжи закрепнувањето на економијата зашто земјата мина низ пролонгиран период на политичка несигурност повеќе од две години, што сериозно влијаеше врз економијата и тоа е особено видливо во 2017 година, која заврши со стагнација. Светска банка сепак забележува подготвеност за напредок во агендата за структурните реформи во поддршка на економскиот раст, што е охрабрувачко, вели Мантованели во интервјуто за Капитал, додавајќи дека директните странски инвестиции треба да бидат подобро поврзани со малите и средни претпријатија, треба да се развиваат комерцијалното земјоделство и туризмот и да се обезбеди раст на професионалните услуги, што би можело да помогне во генерирањето на потенцијално повисок раст. Мантованели потсетува и дека услугите на јавната администрација треба да бидат поефикасни, квалитетот на јавните инвестиции да се зголеми и да бидат предмет на стандардни правила за ефикасно управување со јавните инвестиции, а регулаторната рамка да се усогласи со правилата на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG