Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ меѓу демократска и безидејна партија


Архивска фотографија-16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово на кој беше избран Христијан Мицкоски

Од декември, кога е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски тврди дека нема несогласувања внатре, туку само демократија, а дел членови или се дистанцираат или пак го напаѓаат раководството. Аналитичарите сметаат дека промените се само во персоналните решенија.

Реформи внатре во партијата, нови лица во партиските тела, најавени промени во статутот и паралелно незадоволство од изборот на Христијан Мицкоски за претседател, кое се уште трае кај одредени структури, е атмосферата во ВМРО-ДПМНЕ и опкружувањето на партијата последниве месеци.

Уште пред неговиот избор на партискиот конгрес во Валандово, во јавноста излегоа дотогаш истурените личности од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците Илија Димовски и Антонијо Милошоски тврдејќи дека немало можност за демократски конгрес и лојална конкуренција. По изборот, Димовски не е веќе координатор на пратеничката група, ниту се гледа често на партиски прес-конференции и обраќања. Мицкоски, пак, смета дека е груба оценката дека имало несогласувања со видни партиски членови, оти како што вели ВМРО-ДПМНЕ била демократска партија.

„Она што е заеднички именител на сето тоа е дека ние може да имаме различни гледишта и позиции за различни теми, но кога ќе одлучиме за една позиција, што беше впрочем пример и во минатото, таа позиција е позиција на партијата и сите оние кои во тој момент се најповикани да ја следат таа позиција, ја следат и тука немаме дисонантни тонови, апсолутно ниту со еден член на партијата, поранешен или сегашен“, вели Мицкоски.

Но, поранешниот директор на Државниот архив Филип Петровски, кој порано имаше своја партија Демократска десница, која пред шест години згасна и како што соопштија тогаш самите членството преминало во ВМРО-ДПМНЕ се уште упатува остри критики.

Неделава тој ги критикуваше последните потези на партијата за договорање со власта, враќање во Собранието, поднесувањето интерпелација за работата на владата. Од групата во која е и тој и други членови на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нивната партија е безидејна и влегува во редица грешки.

Според Никола Дујовски, професор од Универзитетот Свети Климент Охридски нема сепак нема големи промени и разлики во ВМРО-ДПМНЕ откога ја раководи Мицкоски. Освен персоналните смени, промени во водењето на политиката нема, тврди тој.

„Факт е дека партијата е во тешка ситуација и дека Мицкоски има сериозни внатрешни проблеми и затоа повеќе од потребно е да се расчистат прашањата внатре во однос на политиките и да определи здравото ткиво во партијата кое сигурно го има. До денес не успевам да видам дека се позиционирале различно за некое прашање од што тоа би го направиле ВМРО-ДПМНЕ под водството на Груевски“, вели Дујовски.

Инаку четири месеци откога дојде на позицијата претседател, за што дел од јавноста се уште смета дека е поради блискоста со поранешниот лидер Никола Груевски, јавно нема многу конекции меѓу двајцата. Груевски деновиве неколкупати се огласуваше на својот прифил на социјалната мрежа Фејсбук со лични критики за власта на СДСМ. На прашањето каков е сега неговиот однос со Груевски, Мицкоски кусо одговара дека имаат коректен однос како со сите останати членови во самата партија. Некои медиуми, па,к веќе објавија дека Груевски, кој сега е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ не е сместен во партиската зграда, туку дека изнајмил свои канцеларии во друг објект во близина на седиштето.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG