Достапни линкови

Што содржи политичкиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?


Архивска фотографија - средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, 04.03.2018

Извори од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека за многу прашањa е постигната согласност и дека наскоро се очекува договорот меѓу двете партии да биде готов. Аналитичарите очекуваат со тоа да се надминат блокадите на Собранието и реформскиот процес да се забрза.

Политичкиот договор кој го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски засега останува непознат за јавноста. Но извори и од опозициската партија и од СДСМ брифираат за напредок и за договор кој би бил за скоро време готов.

Партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа одлучија нивните пратеници да се вратат во Собранието.

Извори од владејачка партија велат дека е договорен пакетот реформски закони во правосудството, Законот за судски совет, претседател на Државната изборна комисија да се бира по предлог на опозицијата, а во меѓувреме да се отвори дебата за Изборниот законик од која ќе произлезе најдоброто решение за составот на комисијата, а било отворено и прашањето за финансирање на партиите од државниот буџет. Истите извори додаваат дека во рамки на политичкиот дијалог, работни групи од двете партии работеле околу усогласување и на законот за следење на комуникациите и за таканаречените укажувачи.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека нивните барања во разговорите на работните групи од двете партии во голема мера се исполнети, но дека сè уште договорот не е финализиран.

„Ние ќе побараме и писмени гаранции за договореното дека тоа и ќе биде исполнето“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што се брифира, до договорот по кој ВМРО-ДПМНЕ најави дека се враќа во Собранието се стигнало преку работата на две работни групи, една како што велат на политичко ниво, а другата на пратеничко ниво.

Од СДСМ, во врска со најавата за враќање во парламентот на пратениците од опозициската партија, велат дека тие цело време „укажувале дека блокадата на собранието не е во интерес на државата и граѓаните и ги повикувале ВМРО-ДПМНЕ да ги надминат блокадите и да го поддржат реформскиот процес кој е во интерес на сите“.

Земајќи го предвид договорот што го споменуваат партиите, но и целосното политичко опкружување, Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи вели дека не очекува повторно да се случуваат големи блокади на парламентот какви што имаше досега.

„Не верувам дека за законите што произлегуваат од итните реформски приоритети ќе има филибастеринг (непрекинато зборување) или друг вид на опструкции. Од друга страна и парламентот е сцена за промовирање на опозицијата и нејзините ставови така што секако дека ќе има и вжештени дебати, но не верувам дека ќе се опструира работата на парламентот како тоа што се случуваше досега“, вели Муслиу.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ почна со бојкотот на Собранието пред три месеци откако шест нивни пратеници беа приведени поради настаните во парламентот на 27 април лани. Претседателот на партијата Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа викендов рече дека ќе се врателе во Собранието на голема врата со поднесување интерпелација за работењето на Владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG