Достапни линкови

Џафери: Следните чекори за законот за јазиците согласно Уставот и Деловникот


Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не прецизираше кои ќе бидат неговите наредни чекори во врска со донесувањето на законот за употреба на јазиците, кој е во трето читање во Парламентот, туку само посочи дека сè ќе биде во согласност со Уставот и собранискиот Деловник.

„Претседателот на Собранието не мисли за никакви договори, туку спроведува Деловник и Устав, а договорите се работа на политичките партии“, рече Џафери одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на општина Тетово.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска по средбата со претседателот на БЕСА Африм Гаши, запрашан дали е можен консензус околу амандманите до следната недела, изјави дека не прифаќа ултиматуми и оти од нивна страна е веќе понудено решение, односно амандманите ќе се повлечат само ако се повлече и законот и ако се пристапи кон подготвување нов.

Законот е пред пратениците на трето читање, откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот. ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани и смета дека за нив треба да има расправа во Парламентот.

Џафери завчера закажа пленарна седница, на која беше овој закон, но беше одложена. Тој даде рок од една недела партиите да постигнат договор.

XS
SM
MD
LG