Достапни линкови

Културните работници – заложници на постојните системски решенија


Илустрација

Нов Закон за култура поволен за сите уметници и културни работници, пролонгирање на рокот за изготвување на систематизаците, промена на постоечката категорија „даватели на јавни услуги“ во „носители на дејност“, порамнување на платите во различните дејности се само некои од клучните барања на Синдикатот за култура на Република Македонија до ресорното и министерствата за финансии и за информатичко општество и администрација.

Свесни дека сè уште се заложници на лошите закони од претходната власт и разочарани што новата се уште нема променето ништо по однос на законите и што нејзината намера за имплементација на одредбите од некои закони, само би ги продлабочила нивните проблеми во работниот однос, членовите на Синдикатот за култура на Република Македонија се решија јавно да ги артикулираат своите проблеми и да побараат нивно побрзо решавање.

Од таму, тие најпрво упатуваат барање до Министерството за култура за поинтензивен ангажман за итно составување на нов Закон за култура во чие креирање ќе бидат вклучени претставници на синдикатите и носителите на дејноста.

Според Сања Арсовска, новиот претседател на Синдикатот, вработените во културата веќе 9 месеци чекаат министерството да го отвори најгорливото прашање – изготвување на нов Закон за култура за кое освен искажаната волја во Националната стратегија и акцискиот план за нејзина имплементација се уште нема прагматични чекори, ниту конкретна најава за почеток на процесот. Со оглед на тоа дека во Стратегијата е вметнато дека новиот закон ќе биде изготвен во 2018, а веќе е март и работата во собранието е отежната, таа истакнува дека Министерството мора да се обврзе на поголема ажурност.

„Донесувањето на нов Закон за култура, за нас уметниците и културни работници е од немерлива важност и претставува ставање крај на досегашниот Закон кој нас не стави во ригидна административна рамка, кој ја ограничи слободата на творење, кој претставува пример за легална закана од страна на работодавецот и отвора простор партиски притисок и манипулација. Донесувањето на нов закон ќе овозможи и донесување на нов колективен договор во кој ќе се решат моменталните проблеми од работниот однос“, вели таа.

Инаку Арсовска, која патем на чело на Синдикатот дојде од позицијата претседател на синдикалната организација Драмски театар – Скопје, откако наново ќе го искаже разочарувањето што нивните предлози и сугестии во однос на неспроведливоста на децентрализацијата на театрите во вакви општествени и културолошки услови и предлогот за Закон за театар не беа прифатени од страна на работната група која ја изготвуваше Националната стратегија, истакнува дека како Синдикат кога документот ќе влезе во собраниска процедура, ќе побараат од пратениците да поднесат амандмани преку кои ќе се обидат да ги остварат своите предлози.

Од друга страна за Синдикатот на култура горлив проблем се и изготвувањата на систематизациите. Од таму бараат од Министерство за информатичко општество и администрација да го пролонгира рокот по 31 март 2018 за изготвување систематизации за доделувања решенија за распределување на вработените.

„Систематизациите се изготвувани селективно. Забележани се законски пропусти како измислени работни места, противзаконски услови за напредок во кариерата и неадекватни распоредувања на вработените од едно на друго работно место. Затоа бараме од Министерството за информатичко општество да испрати допис до директорите на институциите со директива да бидат изготвени нови систематизации во кои ќе бидат вклучени синдикалните претставници и носителите на дејноста. Да се направат и соодветни промени во каталогот на звања, а вработените да бидат распоредени на работни места соодветни на нивното знаење и стручност“, смета Арсовска.

Според неа, Министерството треба да овозможи реален рок во кој ќе бидат поправени грешките и со тоа ќе биде спречено системското верификување на лошите систематизации преку нивно внесување во софтверот за евиденција на МИОА.

Згора на тоа побарано е во Законот за вработените во јавниот сектор да биде променета постоечката категорија „даватели на јавни услуги“ во „носители на дејноста“. Според синдикалците од културата, етикетата „даватели на јавни услуги“ е навредлива и деградирачка и затоа тие веруваат дека таа лесно може да се измени имајќи предвид дека Законот не е неменлив и дека веќе се правеа извесни измени на иницијатива на новата власт.

Од Синдикатот за култура бараат и Министерството за финансии да одобри средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.

„Непочитувањето на колективниот договор од 2005 година, односно неговото неспроведување доведе до состојба во која секоја институција ги формулираше платите според политичкото лобирање на директорите кај власта. Иако колективниот договор е линеарен во категоризацијата на работните места за различните дејности, во реалноста има страшна дискрепанца не само меѓу дејностите, туку и меѓу институциите од иста дејност, па дури и меѓу вработените на исти работни места во една институција“, појаснува Сања Арсовска.

По само неколку часа од вака изнесените јавни барања од Синдикатот за култура на Република Македонија со реакција се јави ресорното министерство. Во дописот се вели дека во Министерството за култура „се свесни за проблемот што подолг период е присутен во националните установи од областа на културата, а се однесува на донесување на систематизации и издавање на решенија на вработените во културата според прописите за јавна администрација и измените на Законот за култура од 2014 година“.

Бидејќи Законот мора да се спроведува, а решенијата за работни места и евиденцијата на вработените во културата треба да се заврши согласно законските прописи, како што велат, тие се подготвени да изнајдат решение што ќе биде во согласност со законските прописи и ќе го заштити дигнитетот на вработените во културата. Затоа и предложиле да се употребува терминот „носител на дејност“ наместо „давател на услуги“, како времено, техничко решение за издавање на решенијата и нивно евидентирање во електронскиот систем на МИОА.

Покрај тоа, во информацијата стои дека МИОА е подготвено да понуди стручна помош на националните установи за изработка на систематизациите, онаму каде што не се направени и дека „откога ќе се завршат претходните активности и ќе се добијат точни податоци за вработените од националните установи, Министерството за култура ќе може да се обрати до Министерството за финансии за надминување на проблемот со стручните звања, кои вработените во културата ги стекнуваат согласно Законот за култура, но тие сега не се соодветно вреднувани во платите“.

Според информацијата МИОА предвидува измени во Законот во 2019 година, со што ова прашање ќе се реши трајно во интерес на културните работници.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG