Достапни линкови

Спасовски - Ако има снимки од инцидентот кај Мавровка да се достават до МВР


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повикува сведоците на инцидентот кај ТЦ Мавровка во кој полицајка наводно била вербално нападната додека ги извршувала своите работни задачи, како и сите кои имаат снимки да ги достават до МВР за да можат да ги процесуираат до Јавното обвинителство.

„Снимките кои ги има од камерите кои се на Град Скопје веќе се обработуваат и ќе бидат доставени, а доколку има какви било други снимки да се достават до МВР за да се документира случајот и да се расчисти до крај. Одговорно тврдам дека тоа што беше вчера соопштено е документирано и е предадено во ЈО и МВР стои на располагање да го расветлиме случајот ако имаме какви било нови материјали и докази кои ќе кажат дека нешто поинаку се случило“, рече Спасовски во одговор на прашање по промоцијата на нови кандидати за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово.

Веднаш по случувањето на настанот, како што рече, се земени службени белешки од полицаецот кој постапувал и од неговите колеги кои биле на местото на настанот и тој материјал, нагласи, е предаден на ОЈО, а воедно е поднесена и прекршочна пријава за омаловажување на полицаец.

Претходно беше објавено дека функционерот на ДУИ, Беќир Асани нападнал полицајка кога полицијата се обидувала со пајак возило да му го крене непрописно паркираниот џип. Потоа, полицијата соопшти дека полицајката била само вербално нападната од Асани, а оти сама се удрила во пајак-возилото.

XS
SM
MD
LG