Достапни линкови

Протести во Скопје - Не за промена на името


Macedonia - Protest in Skopje to defend the name of the state.

Со национални и верски обележја, знамиња и транспаренти за нацијата, идентитетот и јазикот, неколку илјади граѓани по снежното време вечерва излегоа на протест против промена на името, зашто, велат, промена на името значи и промена на идентитетот.

Демонстрантите бараат прекин на преговорите за името, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на договорот за добрососедство со Бугарија и ослободување на притворените за настаните од 27 април во Собранието.

Организатори на протестот се Светскиот македонски конгрес и неколку здруженија на Македонците од дијаспората, како и македонски патриотски здруженија. Организаторите рекоа дека токму иселениците ги платиле автобусите со кои демонстрантите од внатрешноста беа донесени во Скопје. На протестот учествуваа и владиката Повардарски Агатангел и преспанско-пелагонискиот владика Петар.

Протестот почна пред седиштето на ЕУ во Скопје, од каде демонстрантите со извици „Македонија, Македонија“ и патриотски песни се упатија пред Собранието, каде што протестот заврши.

Протест во Скопје – промена на името е промена на идентитетот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес во својот говор ги нападна власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и САД.

„На 27 април минатата година откако платениците ја ислушаа химната на странска држава и посведочија државен удар некој одвнатре ги отвори портите и го втурна народот во Собранието. Тие што тоа го сторија го осудија насилството, но народот денес шета по судовите и затворите, во тоа лежи предавството“, рече Петров.

Владиката Агатангел рече дека Македонија е распарчена на три дела натопени со македонска крв.

„Можеби помладите никогаш не ја виделе, а и некој од постарите, цела Македонија.“, рече владиката Агатангел покажувајќи карта на Голема Македонија .

Поголемите политички партии соопштија дека не стојат зад организацијата на протестот, но пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за протестот.

Протестот се одржува на годишнината од почетокот на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои ескалираа со насилствата во Собранието на 27 април. Организаторите на протестите подоцна беа уапсени и осомничени заедно со други луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Дел од осомничените се во притвор, а дел беа пуштени во домашен притвор.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG