Достапни линкови

Ќе има ли мораториум за Скопје 2014?


Дел од стручната јавност бара мораториум за нови градби од проектот Скопје 2014 и запирање на оние кои се во тек. Министерството за култура вели дека проблемот ќе се решава во фази.

Дел од архитектите очекуваат од владата да донесе одлука за стопирање, односно мораториум на сите активности врзани за Скопје 2014 по најавите од Министерството за култура дека петчлена група во Министерството го анализира проектот и оти ќе му пристапи во фази и по приоритети. Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, вели дека има сознанија оти Комисијата одговорна за проектот дала препораки и дополнува дека тие правно се многу благи и немаат конкретни ефекти.

„Но, треба и да се почне од правните акти на кои се заснива проектот Скопје 2014. Значи, ако една влада донела одлука за започнување и развивање на процесот на Скопје 2014, друга влада исто така треба да донесе таква одлука за негово стопирање, односно мораториум на сите активности врзани за Скопје 2014“, вели Павловска.

Во меѓувреме, реализацијата на проектот Скопје 2014 се уште трае. Дел од стручната јавност има сознанија дека се подготвува проектна документација нарачана од претходната влада, која се однесува на Градскиот трговски центар и на Македонската опера и балет.

Деновиве министерот за култура Роберт Алаѓозовски посочи дека работната група одлучила да им даде приоритет на оние објекти кои се најспорни и за кои јавноста бара реакција од Минситерството за култура. Како што изјави Алаѓозовски, тоа е споменикот на Андон Јанев Ќосето, како и проекти кои се во различни фази на изградба со што се создаваат финансиски импликации врз буџетот.

Критичарите на проектот Скопје 2014 уште кога почна неговата реализација оценија дека дел од објектите имаат печат на квази идеологија или дека на некои од нив не им е местото во централното градско подрачје од причина што нивната порака не е соодветна, ниту е уметнички издржана за да биде на такво експонирано место.

Павловска препорачува да се донесе закон за проектот Скопје 2014, кој како правен акт изгласан во Собранието ќе биде база на која што ќе се развие процесот на уредување на се она што го имаме во централното градско подрачје како резулат на проектот.

„Ова е правната рамка во која треба да се одвива еден мачен процес на санација и реурбанизација и реархитектура и може да се каже едно ново влијание на таа колективна естетика која ни е многу битна и е дел од битието на Македонецот. Се она што е презентирано во јавниот простор како дел од нашиот идентитет прави записи, особено кај генерациите кои доаѓаат“, вели Павловска.

Од Министерството за култура наведоа дека се работи за сложен проект што се состои од илјадници споменици и нова инфраструктура и оти на проблемот му приоѓаат внимателно за да го планираат во идниот развој на градот.

Павловска истакна дека многу време ќе треба за да се интервенира во она што е изградено со проектот, но како што рече, треба што поскоро да се укаже на нешто што било грешка

„И кога се правеле во минатото такви грешки, сега да не илустрирам со примери, може да се остави за показ нешто. Меѓутоа, не може да се остави таквото нешто да егзистира. Ако е грешка треба да се поправи. И во теоријата на архитектурата секое време остава своја трага. Меѓутоа, оваа трага е лузна и ние мора да направиме и некоја пластична операција. Значи мора да се поправат работите. Можеме и имаме капацитет тоа да го направиме“, изјави Павловска.

Министерот Алаѓозовски рече дека ќе разговара со премиерот Зоран Заев за предлозите на комисијата откако и двајцата ќе се вратат од службените патување во Кина, односно САД.

На прашањето поставено на веб страницата на Радио Слободна Европа дали да се доврши изградбата на проктите од Скопје 2014, најголем дел од граѓаните, односно 73 проценти велат дека не треба да се доврши овој проект. Позитивно се изјасниле 24 проценти, а четири проценти одговориле дека не знаат дали треба да се доврши изградбата на Скопје 2014.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG