Достапни линкови

Дневен печат - Името, корупцијата и загадувањето


Премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел.

Сите медиуми пишуваат за преговорите за името и за посетата на Заев на Германија. Анализираат и за високата корупција, за еколошкиот геноцид, за истрагата за загинувањето на планинарите на Камјакчалан.

Посетата на премиерот Заев на Германија и средбите со канцеларката Меркел и претседателот Штајнмаер, како и скорешната посета на претседателот на Европската комисија Јункер на Скопје повод Нова Македонија да излезе со статија со наслов: „Супертешкашите влегуваат во рингот“ заснована на анализите на експерти во врска со преговорите со Грција околу уставното име на Република Македонија.

Сите печатени и електронски медиуми на првите страници објавуваат понекој акцент од престојот на Заев во Берлин. Вечер, на пример, го цитира Заев од заедничката прес-конференција со германската канцеларка: „Посветени сме да испорачаме решенија за кои ќе побараме одобрување и од граѓаните“, а Нова Македонија акцентот го става на зборовите на Меркел која порачува: „Спорот со името треба да се реши, притисокот врз процесот не носи корист“. Независен, пак, во наслов ги вади зборовите на Меркел за компромисот: „Компромисите се секогаш болни, но и неопходни“.

Инаку, Вечер ја пренесува МИА од Атина: „Топ тема во медиумите во Грција: Претседателите фрлаат оган во преговорите“, но за средбата на претседателот Иванов со турскиот претседател Ердоган нагласувајќи дека шефовите на двете држави имаат заеднички позиции спротивни на грчките ставови за решавање на името. Слободен печат го пренесува незадоволството на грчките медиуми што „Меркел го нарекла Заев ’македонски премиер‘“. Висока политика си е висока политика, но животот носи и „пониски“ нешта.

Загрижува истражувањето на меѓународната Транспаренси интернешенел според кое: „Македонија е најкорумпирана држава во Западен Балкан“. Од регионот најдобро е котирана Хрватска, на 57 место, а Македонија од 90 место во 2016 паднала на 107-то во 2017 година. Вечер објавува: „Антикорупциска утврди дека е злоупотреба ДУИ да се финансира од јавни претпријатија“, наведувајќи дека е утврдено дека на листата донатори на ДУИ минатата година се јавуваат Македонска пошта, Аеродроми на Македонија и Македонски железници – инфраструктура и дека писмено го известила Јавното обвинителство заради натамошно постапување.

Обвинителството ќе ги истражува причините за загинувањето на двајцата планинари на Кајмакчалан“, насловува Нова Македонија како и другите медиуми. Ќе се проверуваат Федерацијата на планинарски спортови и планинарското друштво Трансферзалец.

„Скопје го надмина годишниот лимит на ЕУ за аерозагадување уште во февруари“, пишува истиот весник пренесувајќи ги оценките на Европската агенција за животна средина од минатата година дека во земјава годишно има 3.000 смртни случаи заради аерозагадувањето, што значи дека секоја година ни се случува еколошки геноцид, т.е. екоцид.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG