Достапни линкови

Солун меѓу цврстите ставови и оптимизам за решение на името


Солун: аналитичарите оптимисти, граѓаните непопустливи
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:44 0:00

Солун: аналитичарите оптимисти, граѓаните непопустливи

Грчки политичарите изразуваат оптимизам, но нагласуваат дека нема решение за името без ерга омнес. Има нов импулс во разговорите, велат аналитичарите, но грчката јавност не е доволна информирана, па можеби затоа анкетираните граѓани се категорични дека не треба да се преговара, оти Македонија била грчка.

Околу 240 километри пат од Скопје до Солун македонските граѓани често го поминуваат. Најголемиот дел од нив ги асоцира на шопинг во морскиот град или на одмор на грчките плажи. Политичарите, пак, ги асоцира на проблемот за името. Официјална Атина тврди дека името на автопатот поттикнува иредентизам и го проблематизира барањето на решение за спорот со името.

Автопатот кој води до Грција во минатиот век се викаше Братство и единство, во 2008, тогашната власт на чело до Никола Груевски го преименуваше во Александар Македонски, а сегашната власт одлучи да се вика Пријателство.

Таблата сепак не им бодеше очи на многу грчки граѓани. И тие доаѓаат во Македонија, но најчесто блиску до границата - да ги користат поефтините македонски услуги и да потрошат некое евро во гевгелиските коцкарници.

Филиос Стангос е извршен директор на солунските јавни медиуми, новинар со искуство, особено за прашањето за спорот за името. Медиумот во кој работи се наоѓа веднаш до Белата солунска кула и до местото на кое кон крајот на јануари се одржа протестот со пораката -Македонија е Грчка.

Разговорот за протестот не може да се избегне па Стангос објаснува за различниот пристап на тамошните медиуми кон него.

„Од една страна, имате медиуми, еве да ги наречеме, поодговорни медиуми кои го следат ова прашање и кои паметат дека позицијата на грчката Влада во последните 10 - 15 години беше и е во насока на постигнување решение со сложено име, а од друга страна имаме медиуми кои повеќе се стремат кон тоа да ѝ на штетат на јавноста и тие се повеќе националистички, во смисла да не се прифаќа сложено име“, вели Стангос.

Стангос сега гледа нов импулс во разговорите за името, но посочува и дека за тоа грчката јавност не е доволно информирана.

Солунчани децидни - Македонија е грчка

Солунчани расположени да зборуваат за името, но повеќето од нив децидни - Македонија е грчка.

„Ги пуштивме скопјаните, кои се словени, кои дојдоа во 11 век да ја присвојат Македонија и Македонците како нивни. И сега ние сакаме да ги смениме името на аеродромот Македонија во Солун. Ќе ми пукне главата“, вели Наташа Карапипери.

Мислам дека не треба да преговараме за името, јасно дека е наше, а политичарите се неприфатливи. Дали има сплеткарење околу прашањето за името? Има нешто скриено зад ова“, вели Кристос Милонас.

Како и во многу земји и тука прашањата од надворешната политика се користат за домашна употреба за да се манипулира јавното мислење, коментира нашиот соговорник, професор по меѓународни студии на правниот факултет во Солун, Милитиадис Сарианидис.

„Имаме две влади кои не се во многу моќна позиција во домашната политика. Тие се формирани со коалиција, има коалиција во Атина, има коалиција во Скопје. Прашањето е дали овие коалиции ќе може тоа да го поднесат. Според мене двете имаат проблем и двете играат „кокошкина игра“ (да попуштат или да дозволат другиот да победи) го користат референдумот или протестите на луѓето како претекст за да ги зацврстат или олеснат своите позиции во преговорите“, вели Сарианидис.

Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас е коалициона и е заедно со партијата со сосема спротивставена идеологија и позиција - независни Грци.

Оптимизам од една страна, ерга омнес од друга

Во една од подалечните населби на Солун се сретнавме со Димитрис Мардас пратеник во грчкиот парламент од Сириза.

Од една страна тој вели дека е оптимист дека проблемот за името може да се реши, но од друга страна нагласува нема решение без ерга омнес, ниту, пак, без идентитетските прашања, нешто што за македонската влада се чини неприфатливо.

„Во врска со ерга омнес, доколку тие навистина веруваат во мир, ако немаат скриени намери, тогаш треба да прифатат ерга омнес во тој контекст. Инаку многу прашања ќе се појават со остварливоста на решението“, вели Мардас.

И додека Мардас нема доверба во македонската страна, некои грчки граѓани немаат доверба и во нив, во политичарите.

Политичарите продадоа сè и сега се уценети“, вели Лукас Родис.

„Прашањето е политичко, геополитичко и стратегиско. Не е само името има и други иредентистички прашања, има и правни прашања и внатрешни прашања кај соседната земја. Не сум оптимист, но што може да правиме, решение мора да се најде на некаков начин“, вели Ставрос Курмпетис.

„Мислам дека Грците треба да го задржат името Македонија за себе. Иако цел свет ги нарекува Македонија, ние Грците треба да ги нарекуваме поинаку. Се надевам на решение, но тоа ќе биде тешко“, вели Елина Фулактоу.

На социјалните мрежи повторно се најавуваат протести, а впечатокот на нашите соговорници е дека посетеноста на претходните била далеку помала од онаа во деведесеттите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG