Достапни линкови

Меркел очекува решение за името, оти има интерес за компромис


Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев.
Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин по средбата со премиерот Зоран Заев порача дека спорот за името меѓу Македонија и Грција треба да се реши и оти компромисот е болен, но тој може да се реализира. Заев истакна дека за Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО.

Проблемот со името меѓу Македонија и Грција треба да биде решен, а притисокот во преговорите не би бил многу од корист, порача денеска германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес- конференција со премиерот Зоран Заев по нивната средба во Берлин. Нејзиниот впечаток, како што рече, е дека за прв пат после една деценија кај двете страни имаат интерес за решавање на прашањето и тоа е добар предуслов. Според неа, изјавите за таквите прашања понекогаш може да штетат отколку да користат во процесот.

„Им верувам на двете страни дека со оваа желба за решение на проблемот ќе бидат внимателни, грижливо ќе се однесуваат кон тоа. Секој треба да знае што може да даде. Компромисите се секогаш болни. Тоа секој го знае од својот политички живот. Знаете секој компромис што ќе го направите е болен, но тој мора да може да се реализира и токму тука треба да се најде патот. Тоа е висока дипломатска уметност и за тоа не треба да се зборува на прес- конференција, туку зад затворени врати“, рече Меркел.

Заев истакна дека на Владата и останува да ја заврши домашната задача, да продолжи интензивно со реформите, како и решавање на проблемот со Грција. Според него, се работи за деликатни и тешки прашања, но Владата е посветена за изнаоѓање на решенија во кои ќе бидат вклучени претседателот и опозицијата, а ќе се бара одобрување и од граѓаните.

Во однос на евентуалните обиди од Русија да ја спречи евроатланската интеграција на Македонија како во случајот со Црна Гора, Заев одговори дека Македонија е мала, пријателска земја која сака да гради односи со сите, вклучително и Русија.

„Но нема алтернатива за Република Македонија, освен полноправно членство во НАТО и ЕУ. Јас се надевам дека нема да имаме незгодни ситуации во Република Македонија, иако не можам да исклучам какви било заштити на какви било интереси во целиот регион. Целиот регион нема алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и во НАТО, а веројатно тоа некогаш не му се допаѓа некому. Но, јас сум убеден дека со силата на нашите граѓани по пат на реформите што ги правиме и со поддршката која ни ја нуди Германија и земјите членки на ЕУ, целиот овој регион многу брзо ќе се приближи кон полноправно членство и на НАТО и на ЕУ“, рече Заев.

На прашањето кога Меркел очекува земјите од Западен Балкан да се подготвени за влез во ЕУ и во НАТО, таа порача дека се насочени кон исполнување на условите, а не колку години ќе бидат потребни, односно кога е постигната зрелоста за нивен пристап.

Според Заев, важно е Германија и натаму да остане посветена на берлинскиот процес, а земјите од Западен Балкан да продолжат со испорачување на резултати и ја покани Меркел да ја посети Македонија.

Берлинскиот процес, како што истакна Меркел довел до тоа да се интензивираат контактите на земјите од Западен Балкан и средбите ќе продолжат во иднина, при што пред сè потребни се вложувања во транспортот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG