Достапни линкови

ЕУ финансира канализација во Куманово, наскоро и регионална депонија


Архивска фотографија - Населба во Куманово во која нема канализација и водовод.

Три милиони евра од фондовите на ЕУ се дадени за канализациона мрежа во Куманово, оти градот се соочува со сериозни проблеми во елементарната инфраструктура. Наскоро со европски пари ќе се прави и регионална депонија.

По 14 месеци работа Куманово доби нова и реконструирана 24 километарска подземна инфраструктура на 54 локации во градот. Вредноста на проектот е околу четири милиони евра, од кои три милиони се од фондовите на Европската унија, а остатокот од Владата на Македонија. Следниот проект за оваа локална самоуправа веројатно ќе биде изградба на регионална депонија за смет за североисточниот регион, а има можности и за некои други проекти, најави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Според градоначалникот Максим Димитриевски ова е од големо значење за Куманово, со тоа што ќе се подобри квалитетот на животот на граѓаните. Инаку, општината се соочува со сериозни проблеми во елементарната инфраструктура.

„Податоците велат дека вкупно само околу десет отсто имаме развиен колекторски систем за атмосферски води, во урбаните средини развиеноста на фекалниот систем е само до 60 отсто, додека во руралните само до 20 проценти“, вели градоначалникот Димитиревски.

Тој додава дека и во иднина локалната самоуправа ќе се залага за сериозни зафати за надминување на животните проблеми на граѓаните, како што е проодноста на патиштата, улиците.

За евроамбасадорот Жбогар реализацијата на овој проект го подобрува квалитетот на водата не само во Куманово, туку и во реката Пчиња, а преку подземните води и на почвата, што ќе влијае и на зачувување на здравјето на луѓето. Тој додаде дека ЕУ и во иднина ќе помага на проекти од значење за животната средина, за што за нашата држава се наменети 113 милиони евра за период од 2014-та до 2020-та година.

Кој ќе биде следниот конкретен проект во Куманово што ЕУ финансиски ќе го помогне, Жбогар рече дека за приоритетот на општината допрва ќе се разговара со градоначалникот.

„Меѓутоа, еден друг проект што следи, а кој ќе го покрие целиот североисточен регион, тоа е менаџирање со сметот. Во оваа општина ќе биде една регионална депонија, мислам дека тоа е еден огромен проект кој што би се реализирал, со големо значење за вашите граѓани, а и за самата животна средина“, рече Жбогар, додавајќи дека ЕУ се залага за подобра животна средина за сите.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG