Достапни линкови

Студентска визија за европско Куманово


Проект на студенти од Архитектонскиот факултет „Кирил и Методиј“ од Скопје во соработка со Секторот за урбанизам и локалната самоуправа на Куманово за изглед на Куманово како модерен и европски град.
Проект на студенти од Архитектонскиот факултет „Кирил и Методиј“ од Скопје во соработка со Секторот за урбанизам и локалната самоуправа на Куманово за изглед на Куманово како модерен и европски град.

Студенти од факултетот за архитектура во соработка со кумановскиот сектор за урбанизам работат на проекти со кои Куманово би прераснал во урбан и модерен европски град. Во проектите се огледа младешката слобода и опуштеност во проектирање.

Студентите од завршната година на Архитектонскиот факултет „Кирил и Методиј“ од Скопје во соработка со Секторот за урбанизам и локалната самоуправа на Куманово ги презентираа своите три визии за Куманово како модерен и европски град. Сто и дваесет студенти од деветтиот семестар своите 12 визии, стратегии ги преточиле во 37 проекти. За разлика од нивните идни колеги во Секторот за урбанизам во проектите се огледа младешката слобода и опуштеност во проектирање.

Дивна Пенчев, професор на Архитектонскиот факултет, изнесува што е најинтересно во работата на студентите.

„Интересно е дека студентите се издвоиjа со неколку начини на работење, а тоа е креирање на настан. Тоа е Куманово да го стават во мапа на културни и спортски настани, тој да биде град со велосипедски патеки, за триатлон, за пешаци, град на млади, град на престолнина и на култура на Европа .“

Со тоа, според Дивна Пенчев, Куманово би прераснал во атрактивен град не само во Македонија,туку и на европско и светско ниво.

„Студентите работеа на тема полицентричност, бидејќи нашите градови се централизирани, имаат по еден градски центар, и целото задушување на градот е поради тоа, а тие се задржаа на идеи создавање неколку центри кои меѓу себе се поврзуваат. Со тоа се овозможува и поинаков начин на движење во градот. Од ова произлезе и тема одржлив град, што е најактуелно во светот“, вели професор Дивна Панчев.

Тоа подразбира Куманово да стане зелен и „попаметен“ град, град на пешаци, испитување на можностите на градот поинаку од стандардизираното планирање, забележува Пенчев.

Студентката Ноеми Чаусидис, пак, вели дека нивната идеја била и креирање на Куманово како град за креативната класа.

„Под креативната класа подразбираме индивидуалци кои се занимаваат со професии за иновации, креирање на нови решенија, а Куманово има неколку карактеристики кои им одговараат. Тука е локацијата блиску до Скопје, а Куманово веќе има голема културна инфраструктура од аспект на театри, па и историја, ниската конкуренција во однос на Скопје, зашто креативната класа е моментално во Скопје“, вели таа и додава дека ниската конкуренција овозможува полесно развивање на нови идеи.

„Третото е, што е мултиетнички град, и го прави отворен за сите да можат да бидат дел од тоа, нема граници. Тоа го правиме преку три проекти во самиот центар, фабриката „Житомел“, Касапски круг и плоштадот во близина на Центарот за култура.“ Нашата визија подразбира повеќе вакви жаришта но овие ги работиме подетално“, вели студентката Чаусидис.

Урбанистичкиот процес е многу сложен вели Лидија Ланг Спасовска. раководител во Секторот за урбанизам во Куманово. Таа додава дека би била многу задоволна доколку студентските идеи се реализираат.

„Меѓутоа, ние живееме во еден град со старо структурално јадро, град кој нема голема финансиска моќ, град со нерегулиран голем сообраќаен метеж, така што искрено се надевам дека по изготвување на нов Генерален урбанистички план, ќе се потрудиме сите нивни идеи да ги примениме во самиот план. Бидејќи тој како основен документ за урбаниот развој на една градска средина е точка од која ќе потекнат потоа ќе бидат изготвени детални урбанистички планови и секако нивна реализација“, вели Лидија Ланг Спасовска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG