Достапни линкови

Чудна злоба на социјалните мрежи


Центар Скопје, луѓе

„Срам да ви е за коментарите на СИТЕ. Погледнете со Човечкото од вас (ако сè уште го има). Чудно колку злоба е собрано во луѓето!!!“ - вие коментирате на Фејсбук.

Ова, почитувани, е постот на Фани Станкова по нашата информација за сообраќајката на пратеничка и на градоначалник од СДСМ на автопатот Гевгелија – Удово. Веројатно малку непријатно како за почеток на прегледот на вашите коментари на ФБ страницата на РСЕ.

Ама навистина зачудува и плаши кога само и ќе се погледнат коментарите на фановите на некоја од двете најголеми партии. Горан Крстов со подбив напишал: „Не знаела да вози“ – крајот на коментарот не го објавуваме. „Клетвите стигнуваат“ – постирал Александар Наковски, а Влатко Димитриевски вели: „Сите ќе ги стигне“, веројатно заборавајќи дека навистина секому може да му се случи нешто такво.

И постовите по инаку демантираната вест дека на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО наводно ѝ се подготвувал атентат не се ништо подобри. За Влатко Коле Шаља, на пример, сето тоа било „Глупава реклама“. За Бобан Маринковски: „Припрема“, како што постирал.

Според коментарите по информацијата дека над 60% наши граѓани, според анкетата на Институтот за политички истражувања, се за влез на земјава во ЕУ и НАТО која исто така е дочекана „на нож“, како што вели народот.

За Никола Јовановски, потпишан со „Македонски“, тоа е „ваше мислење“, вели, „народот македонски никогаш не бил склон кон фашисти“, а Перо Ангелов исто така не верува на анкетата: „Колку и да лажете, кажаа и име да смените, нема ЕУ. Не се мачете, тие што ве плаќаат вратете им ги парите“. Роберт Србиновски „наострен“ спрема Радио Слободна Европа: „Како да не“, вели, „пишувајте уште малку па после ќе видите, нема да постоите како медиум. Само лаги“. И за Васил Горгиев Радиово е „Пропагандистички медиум со лажни пропаганди“. Потпишан со Дејан Ли смета дека „Во НАТО треба да плаќаме, во ЕУ нема да нè примат вакви примитивни“.

Шпанските скали на скопскиот Плоштад нема да се градат, затоа што инвеститорот задоцнил со градбата според договорот со претходната Влада, и Ивена Илиевска коментира: „Го направија Скопје за потсмев: копирани градби од Рим, Париз, Прага, Њујорк... Болни мегаломански умови!“ Ванчо Јовев забележува дека „пред тоа во Скопје немаше што да се види“, но Љупчо Јоксимовски се потсмева иронично: „А тамам ќе го затвореа плоштадот од сите страни, штета“ и на крајот на постот ставил Смешко кому солзи му течат од смеење.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG