Достапни линкови

Фред Фрит – импровизаторот и „алката што недостигаше“ конечно во Скопје


Фред Фрит
Фред Фрит

По концертите во Белгија, Португалија, Австрија и Словенија, во рамките на својата актуелна европска турнеја, во Скопје доаѓа англискиот мултиинструменталист, композитор и импровизатор Фред Фрит. Концертот во продукција на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи в среда на 21 февруари, во камерната сала на Македонска филхармонија.

Јас сум автор, композитор, мултиинструменталист (бас, клавијатури, виолина) и импровизатор кој музицира главно на различни пермутации на електрична и акустична гитара. Понекогаш користам и еден куп дома-направени жичени инструменти кои се плод на мојата имагинација. Научив како се компонира во рок бендови, почнувајќи со HENRY COW во 1968 година. Ова подразбира пишување за и со луѓе што добро ги познавам, и потоа потрага по финалниот резултат низ еден колективен истражувачки процес.

Во годините со HENRY COW се вљубив во студиото за снимање и во неговите бескрајни можности. Воодушевен сум од идејата за „работата“ како незавршена и постојано отворена можност за промена на ентитетот. На суштината. Соработката, импровизацијата, сценографијата на звукот во студиото и третирањето на композицијата како отворен процес остануваат во средиштето на мојата размисла каква треба да биде музиката.

Вака во само неколку реченици пионерот, едукатор и над сè импровизаторот, авангардниот уметник Фред Фрит ќе проговори за себе и за своите децениски стремежи за преиспитување на современата звуковност. За неговата неодолива потреба да „прави бучава на еден или друг начин“ и така да ја чествува слободата за творење.

Роден на 17 февруари 1949 година во Хитвилд, Сасекс, Англија, Џереми Вебстер „Фред“ Фрит потекнува од семејство во кое музиката се сметала за есенција на животот. Неговиот прв инструмент била виолината, за да потем во тинејџерските години залуден од звукот на бендовите како THE SHADOWS и THE BEATLES, блузот, фламенкото, фолк музиката не посака да ја земе во раце гитарата и да го преиспитува пребирањето по жиците.

Студирал и дипломирал англиска литература на универзитетот во Кембриџ каде во тој период силно се чувствувало влијанието на творци како Џон Кејџ и Френк Запа. Таму се запознава со саксафонистот Тим Хоџкинсон со кого подоцна ќе го формираат денес култниот HENRY COW.

Овој авангарден рок бенд бил активен на британската сцена цела една декада (до 1978 година), период во кој потпишал неколку исклучително интересни албумски објави, а како куриозитет стои и податокот дека некои од членовите учествувале во реализацијата на денес класичната објава на Мајкл Олфилд - „Tubural Bells“.

Фред Фрит, се сели во САД во доцните седумдесетти години од минатиот век и таму ги почнува соработките со редица њујоршки експериментални музичари како Том Кора, Зина Паркинс, Џон Зорн и Икуе Мори.

Со објавувањето на влијателниот албум “Guitar Solos” во 1974 година, тој си обезбедува свое место на интернационалната имровизаторска сцена, не само како признат соло изведувач туку и во друштво на музичари како Хан Бенинк, Крис Катлер, Луис Склавис, Стиви Вишарт, Ву Феи, Камел Зекри и други.

Низ годините наназад, пак, бележити се и неговите соработки со музички величини како Роберт Вајат, Дерек Бејли, Џон Зорн, Брајан Ино, Бил Ласвел, Ива Битова и така со ред.

Од друга страна, значајно е и тоа што во групите како Art Bears, Massacre, Skeleton Crew, Keep the Dog, Tense Serenity, The Fred Frith Guitar Quartet, Eye to Ear, и последната Cosa Brava, тој секогаш беше доследен на неговите корени од фолк и рок музиката, инспириран со влијанија од литературните дела на Едуардо Галеано па се до инсталациите на уметницата Корнелија Паркер.

Денес Фред Фрит предава на музичкиот отсек на колеџот Милс во Оукленд, Калифорнија (возобновен после 50 години како центар на американската експериментална традиција), и на Музичката академија во Базел, Швајцарија.

„Фред Фрит е музичарот кој недостасуваше сите овие години на Скопскиот џез фестивал, бидејќи никогаш не беше слободен во октомври, во терминот кога ја правиме манифестацијата поради обврските што како професор ги има на музичкиот отсек на колеџот Милс во Оукленд, Калифорнија. Конечно Фред Фрит ќе го видиме во Скопје и тоа на концерт надвор од теминот на Скопје џез фестивал што посебно не радува и се надеваме дека и понатаму тоа ќе ни биде некоја воспоставена годишна практика како што тоа сме го правеле и во минатото со концертите на имиња како Реј Чарлс или Би Би Кинг на пример“, ќе рече во пресрет на концертот Зоран Ингилизов од Скопскиот џез фестивал.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG