Достапни линкови

Владата задоволна од стратегијата на ЕУ, Јункер доаѓа во Скопје


Скопје-прес конференција на вицепремиерот Бујар Османи на која ја презентира Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан,08.02.2018

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска рече дека во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан се опфатени и владините очекувања и оти тие се задоволни. Сепак рече дека е неопходно да се работи на решавање на спорот за името со Грција и дека е потребно целосно, а не парцијално решение.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи вели дека владата е задоволна од Стратегијата на Европската Унија за Западен Балкан, која неделава ја презентираше официјален Брисел. Тоа што го очекувавме и претходно, да биде вреднуван успехот на Македонија во реформите, да има чиста препорака и можност за започнување преговори за зачленување и да нема поделба на земјите по можноста за членство, е опфатено во неа, вели Османи.

„Што значи дека Македонија со овој тон што е даден во стратегијата, што беше дел од нашите очекувања и е причина зошто ние сме задоволни, е фактот што вели дека Македонија кога ќе почне да преговара може да ги престигне и првенците во процесот на интегрирање ако тоа го покаже со резултати“, вели Османи.

Но, тој нагласува и дека е јасна пораката оти Европската унија нема да внесува отворени спорови сугерирајќи и на отвореното прашање за името меѓу Македонија и Грција.

Сега не е време за отворање на прашањата поврзани со детали од преговорите за името, како референдум или промена на Уставот, туку за канализирање на целата општествена и политичка енергија во решение што ќе биде прифатливо, рече Османи. На новинарско прашање дали Грција ќе има право на вето ако Македонија не се согласи на уставни измени, вицепремиерот додаде дека не може да има парцијално решение.

Или ќе има целосно прифатливо решение за двете држави или нема да има решение. Не можеме да очекуваме хипотетичка ситуација во која би имало парцијално решение па да зборуваме дали од тоа Грција би била задоволна и би дала вето или не. Ние сега разговараме да го затвориме прашањето, ние имаме наши позиции, Грција свои и се обидуваме да ги приближиме“, рече Османи.

Според него, изјавата на претседателот на ДУИ Али Ахмети дадена за грчка телевизија, за која партискиот лидер рече „во моментот ние сме земја без име, имаме само грубо име, а тоа е ПЈРМ“ е кажана во позитивен контекст. Османи објаснувајќи ја изјавата на Ахмети рече дека земјава во меѓународните институции е примена под референцата ПЈРМ која ниту е желба на граѓаните, ниту е признаена од граѓаните.

Буквално во меѓународните институции ние имаме некое привремено решение, ние немаме име. Во тој контекст, Ахмети реферира дека преговорите се однесуваат на решавање на тој спор и замена на референцата со име кое што ќе биде трајно“, рече Османи.

Вицепремиерот најави и дека на 25 февруари претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ќе ја почне својата балканска турнеја со посета на Скопје. Од него Османи очекува, покрај тоа што ќе ја презентира стратегијата, да ја охрабри и владата за постигнување резултати.

Следни датуми на кои се очекуваат важни случувања поврзани со ЕУ, тој ги спомена 17 април кога ќе биде објавен редовниот извештај на унијата во која очекуваат чиста деветта препорака за преговори, потоа 17 мај кога ќе се одржи самитот за Западен Балкан и јуни. Тогаш од владата очекуваат Советот на Европската унија да го потврди датумот за почеток на преговорите, се разбира ако дотогаш, како што нагласи, Османи се реши спорот со Грција.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG