Достапни линкови

Географска одредница за севкупна употреба со зачуван идентитет


Архивска фотографија - Заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас

Од македонската влада и денеска не откриваат детали за преговорите за името, останувајќи на изјавата на премиерот Зоран Заев дека е прифатлива географска одредница. Грците, пак, инсистираат на сложено име за севкупна употреба. Аналитичарите сметаат дека има можност за договор меѓу тие црвени линии.

Географска одредница, но и решение со кое ќе се гарантира идентитетот -ова според две изјави на премиерот Зоран Заев дадени во последниве два дена е линијата на која стои македонската страна во преговорите за името.

Премиерот Заев, кој претходно рече дека е прифатлива географска одредница, денеска појасни дека решението на спорот со името мора да го гарантира и идентитетот и достоинството на двете страни. Знаеме што е тоа што е возможно, што е тоа што е дозволиво и до каде треба да одиме, ќе направиме се да изнајдеме решение на овој горлив 25-годишен проблем, но не по секоја цена, додаде премиерот.

“Реков став на Владата, односно за Владата прифатливо е име со географска одредница. Тоа го темелам на основа на моите очекувања во внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија, на чекорите што ги правиме, на она што значи можности и до каде може да се движиме, на спроведливоста на можните решенија и слично. Остануваме на ставот дека достоинството и идентитетот се важни работи“ рече Заев.

Преговорите меѓу Скопје и Атина се одвиваат меѓу два пункта, идентитетот на македонскиот народ и грчкото барање за севкупна употреба, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија.

„Од грчка страна, барем досега, не беше изразена никаква ригидност по прашањето за идентитетот па изгледа дека има флексибилност за договорањето на идентитетските одредници кои би биле прифатливи за нас“ вели Трошановски.

Заев, пак, одговорајќи на новинарско прашање дали решението вклучува промена на Уставот рече дека не гледа потреба за тоа.

Барањето за промената на Уставот во разговорите за името се грчки став, но ние имаме наш. Македонија го промени својот Устав во 1993 година да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраните иредентизмот. Во моментов се што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални или какви било, дека Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство и од тој аспект, не гледам потреба за тоа“, рече Заев.

Според гласините, Атина наводно бара промени во членот 49 поврзан со грижата за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и во членот 3 во кој меѓу другото се наведува дека „границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот“.

Грчкиот весник То Вима деновиве објави текст, со како што наведува, пакетот идеи на Нимиц за кој се разговара. Грчкиот медиум пишува дека Нимиц предложил Република Горна Македонија, Република Северна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Нова Македонија и Република Македонија (Скопје). Ако се земе предвид изјавата на македонскиот премиер за прифатливоста на географска одредница, тогаш сите предлози освен Нова Македонија би можело да се во игра.

Во однос на јазикот, според То Вима, Нимиц ја нуди словенската верзија на македонски, а во однос на националноста – граѓани, на пример, на Горна Република Македонија.

Од друга страна, поотворениот за јавноста грчки министер Никос Коѕијас во речиси секојдневните медиумски настапи останува на ставот што постојано го промовира и премиерот на Грција Алексис Ципрас - сложено име со географска одредница за севкупна употреба. На прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара, шефот на грчката дипломатија, тврди и дека за с­ѐ се преговара, а смета и дека во уставните промени би требало да биде вклучено и името. Отстапката која официјална Атина ја промовира е вклучувањето на терминот Македонија во сложеното име што би го прифатиле.

Во меѓувреме се очекува новата средба на министрите за надворешни работи на двете земји со посредникот Метју Нимиц која премиерот Зоран Заев ја најави за следната недела.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG