Достапни линкови

Ќе добие ли Македонија конечно нов Клинички центар?


Клинички центар во Скопје
Клинички центар во Скопје

Изградбата на нов Клинички центар во Скопје со години се најавува, но досегашниот резултат е само една ископана дупка. Лекарите велат дека таков објект е неопходен, владата најавува почеток на изградба.

Ќе добие ли конечно Македонија нов интегриран Клинички центар со што во историјата ќе замине сликата како болничари туркаат количка со пациенти меѓу паркираните коли во кругот на Државната болница во Скопје? Изградбата со години се најавува, но досегашниот резултат е само една ископана дупка.

Лекарите велат дека изградбата на нов Клинички центар е неопходна и оти тоа во голема мера ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги. Велат и дека е подобро да се изгради некаде на периферијата на главниот град, но оти тоа би чинело многу скапо и прашање е дали Македонија има толку пари.

Доктор Миленко Костов од Клиниката за неврохирургија вели дека овој Клинички центар од растурен тип бил современ за првата половина од минатиот век кога е осмислен, но сега има потреба од интегриран клинички систем, односно што поголем број клиники да бидат сместени во иста зграда.

„Така би се подобрил квалитетот, брзината, ефикасноста, а како што сме виделе и во странство, значително би се намалиле и потенцијалните трошоци. Прво би било подобро за пациентите, би добиле позадоволни болни, побрзо и подобро згрижени, би било многу подобро за персоналот, а сметам дека има и економска логика во сето тоа“, вели доктор Костов.

На сличен став е и доктор Реџеп Селмани од Клиниката за трауматологија. На таков начин многу ќе се подобрат условите за сместување и третман на пациентите, а ќе се подобрат и условите за работа на лекарите. Вели дека би било многу подобро новиот клинички центар да се гради некаде на периферијата на Скопје, со оглед на тоа што е многу отежнат пристапот до сегашниот кој се наоѓа во центарот на градот.

„Сепак, не знам колку нашата земја може финансиски да издржи проект за изградба на нов клинички центар на друга локација, зашто во секој случај тоа е пообемен и поскап проект. Во секој случај таа идеа е идеална, оптимална“, вели тој.

Костов се согласува дека е најдобро да се гради на периферија, но и тој нагласува дека изградбата би чинела многу поскапо.

„Така што постои варијанта тукашниот простор многу поефикасно да се искористи, да се обезбедат хелиодроми, паркиралишта, хотел за странките на пациентите и да се направи некаква интегрирана форма на просторот на сегашниот Клинички центар, којашто исто така би била задоволителна. Во секој случај, овој тип на Клинички центар како што во моментов го имаме, не ги задоволува потребите на македонското здравствено секојдневие“, вели доктор Костов.

Владата вчера соопшти дека процесот за изградба на нов Клинички центар ќе започне кон крајот на наредниот месец. Ќе чини 120 милиони евра и ќе се гради 3,5 години. До крајот на февруари треба да биде избрана и локацијата на која ќе се гради.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров потпиша договор за изградба на нов клинички центар неколку дена пред новата влада да стапи на должност, по што тој беше поништен.

Тодоров во 2013 година најави, а на почетокот на 2014 почна изградбата на нов блок во клиничкиот центар кој требаше да биде завршен за три години, но од таа најава остана само дупка на местото на старата Клиника за гинекологија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG