Достапни линкови

Зошто шефовите на руските разузнавачки служби биле во Вашингтон?


Шефовите на три руски разузнавачки служби биле во Вашингтон
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Шефовите на три руски разузнавачки служби биле во Вашингтон

Директорите на трите главни руски разузнавачки и шпионски агенции во изминативе денови престојувале во Вашингтон. Ова, според посматрачите, е многу невообичаено, со оглед на зголемените американско руски тензии.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, потврди дека Сергеј Наришкин, шеф на разузнавачката агенција СВР деновиве бил во Вашингтон да се сретне со американски претставници во врска со борбата против тероризмот и некои други прашања.

Но, воопшто не било познато дека во Вашингтон престојувале и двајцата други шефови Александар Бортников, директор на Федералниот безбедносен сервис или ФСБ и поручник Игор Коробов, шеф на Директоратот за разузнавање или ГРУ.

Тие, според „Вашингтон пост“, минатата недела се сретнале со директорот на ЦИА, Мајк Помпео.

Деновиве, американскиот амбасадор во Москва, Џон Хантсмен, изјави дека Помпео се сретнал со руски претставници, но не прецизира каде.

Ваквите наводи предизвикаа загриженост меѓу американските сенатори.

Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, побара одговор зошто Наришкин, кој е под американски санкции, престојувал во Вашингтон.

„Ова е сериозно прашање за националната безбедност, Русија ги хакира нашите избори, го санкциониравме шефот на нивната странска разузнавачка служба, а администрацијата на Трамп го поканува да игра валцер преку нашата влезна врата. Ова е екстремно занемарување на должноста од страна на претседателот Трамп, кој изгледа има поголема намера да го поткопа владеењето на правото во оваа земја отколку да му се спротивстави на Путин“, рече тој.

Според Шумер, претседателот Трамп треба повеќе да се занимава како да се справи со Русија отколку да се обидува да го поткопува кредибилитетот на ФБИ.

Директорите на ЦИА редовно се среќаваат и одржуваат разговори со нивните руски колеги за различни прашања.

Меѓутоа, според мекои пензионирани офицери на американските разузнавачки служби, присуството на тројца руски официјални лица во Вашингтон во исто време, и во време на интензивен надзор за наводното мешање на Русија во претседателската кампања на САД во 2016 година, е многу невообичаено.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG