Достапни линкови

Проблемите во образованието во сенка на екстерното тестирање


Во образованието има еден куп проблеми, но сите како да паѓаат во втор план додека се зборува за екстерното тестирање.

Застарени учебници, расипани компјутери, стари училници, преоптоварени наставници со административна работа, се само дел од проблемите со кои се соочува образованието, но овие работи паднаа во втор план поради екстерното тестирање. Навистина овој тип на оценување на наставниците и учениците доби најмногу на гласност, но образованието се соочува и со други проблеми, оценува професор Исмаил Љатифи кој работи во средното училиште во Тетово. Тој наведува дека сè уште се учи од стари учебници, а тоа што се даваат бесплатни учебници е само популистичка мерка на власта, која понатаму им прави проблеми на наставниците.
На пример учебниците по книговодство, по статистика, особено кај стручните предмети имаме стари книги, стари учебници кои треба да се повлечат, а сè останува од година за година.
Исмаил Љатифи, професор во средно училиште во Тетово.

„На пример учебниците по книговодство, по статистика, особено кај стручните предмети имаме стари книги, стари учебници кои треба да се повлечат, а сè останува од година за година. Ќе ги распределат на учениците и после тешко на тие класни раководители што на крај на годината треба да водат сметка каде се книгите, кој ги изгубил, кој ги продал или што знам“, вели Љатифи.

Тој вели дека треба да се изнајде друг начин за да се спроведат реформи во образованието, да се вклучат сите чинители, да се прашаат и наставниците, оти тие прифаќаат секаква реформа, но не сите реформи се добри, вели Љатифи.
Ние повеќе стануваме теоретичари, отколку практичари, а всушност воспитно-образовниот процес значи усвојување на знаења.
Марина Манојловска, директорка во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово.

Наставниците запишуваат оценки и часови во дневник и во електронски дневник, прават дневни, неделни, годишни планови за работа и подготовки, освен тоа планираат и дополнителни часови и консултации, мора да водат писмени записници за родителските средби, да ја запишува секоја активност на ученикот, да собираат пари за екскурзии, списанија и на крај да предаваат и да подготвува тестови и писмени, а за воспитниот процес речиси и да не останува време.

Оптоварени со безброј административни обврски воспитно-образовниот процес всушност стана административен процес, вели Марина Манојловска, директорка во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Куманово.
Ги доведовме децата во ситуација да работат во услови кои можеби не се најдобри и соодветни за нивната возраст.
Сузана Миовска-Спасева, Институт за педагогија.

„Ние повеќе стануваме теоретичари, отколку практичари, а всушност воспитно-образовниот процес значи усвојување на знаења, но нивните знаења да прераснуваат во логичко размислување, поттикнување на способности и вештини со кои децата ќе можат да конкурираат на пазарот трудот. А, буквално воспитно-образовниот процес застана во сите сфери од самиот процес“, вели таа.

Реформите во образованието се носат на недоволно подготвен терен, се согласија дел од педагозите на научна конференција пред две недели.

Промените во македонското образование треба да бидат во тренд со светските реформи, но не треба само да се пресликуваат во готова форма без прилагоден домашен контекст, вели професор Сузана Миовска-Спасева од Институтот за педагогија.

„Ги доведовме децата во ситуација да работат во услови кои можеби не се најдобри и соодветни за нивната возраст. Направивме расчекор во смисла што направивме редистрибуција на наставниот кадар. Има еден куп работи коишто можеа да бидат направени подобро“, вели таа.

Од Министерството за образование, пак, велат дека пред секоја имплементацијата на реформи во образованието има подготовки, а според нив, одредени реформи не успеваат затоа што од почетокот наидуваат на негодување и неприфаќање.

Експертите се едногласни дека една од главните причини за ваквите состојби во образованието е што сите политички гарнитури си спроведуваат свои реформи без да се надоврзуваат на претходните и така во недоглед.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG