Достапни линкови

Македонската филхармонија слави 73 роденден со концерт и изложба


Македонска филхармонија

„Среќен ти роденден!“ е насловен симфонискиот концерт со кој, овој петок, на 24 ноември со почеток во 20 часот, најстарата музичка институција во земјава – Македонската филхармонија ќе ги одбележи 73-те години од формирањето. На програмата се Прелудиум за оркестар бр. 2 од Панде Шахов, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Карл Голдмарк, на кој како солист ќе настапи истакнатиот виолинист Љубиша Кировски, како и атрактивната симфониска поема „Американец во Париз“ од Џорџ Гершвин.

Токму како што и прилега на најстарата музичка институција во земјава која во континуитет се грижи за вистинските вредности, Македонската филхармонија со симфониски концерт, пригодна реч и отворање на првата од серијата изложби, ќе ги одбележи своите 73 години опстојба на домашната културна сцена. Настанот планиран за 24 ноември, разбирливо е насловен „Среќен ти роденден!“ и на публиката ќе и ги дари изведбите на Прелудиум за оркестар бр. 2 од Панде Шахов, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Карл Голдмарк, како и атрактивната симфониска поема „Американец во Париз“ од славниот Џорџ Гершвин.

И, колку за потсетување Панде Шахов е современ македонски композитор, припадник на средната генерација наши автори, кој подолго време живее и твори во Велика Британија и предава група академски предмети на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Неговиот „Прелудиум“ бр. 2 е напишан во 2004 , на поттик од диригентот Борјан Цанев, специјално за концертот на Софиската филхармонија во јануари наредната година. Втор е од серијата четири прелудиуми, кои може да се изведат поединечно или како циклус. Згора на тоа, ова е прво оркестарско дело на Шахов во кое мелодискиот и ритмичкиот материјал е директно инспириран од фолклорната традиција.

Од друга страна, Концертот за виолина и оркестар бр. 1 оп. 28 од унгарскиот композитор Карл Голдмарк (1830–1915) е напишан во 1877 година, а премиерно бил изведен истата година во Бремен. Подоцна, Голдмарк напишал и втор концерт за виолина, но тој никогаш не бил објавен, бидејќи се верува дека е изгубен.

Теоријата вели дека станува збор за мошне романтично дело кое почнува со унгарски марш и пасажи кои потсетуваат на естетиката на Дворжак и Менделсон во вториот и третиот став. Често го има на репертоарот на врвните виолинисти, меѓу кои и во програмата на прочуениот американски инструменталист и диригент, добитник на наградата Греми, Џошуа Бел.

И, конечно симфониската поема „Американец во Париз“ (1928) од проследувачите на музичките настани е опишана како симфонизирана џез-музика. Додека ја создавал, Гершвин се инспирирал од преубавиот Париз во кој престојувал извесно време. Завршена е само четири недели пред премиерата во прочуената „Карнеги хол“ во Њујорк, за која тогаш се погрижиле Њујоршката филхармонија и диригентот маестро Волтер Дамрош.

Инаку, со Македонската филхармонија во оваа пригода ќе раководи маестро Борјан Цанев, а солист во премиерната изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Голдмарк ќе биде нашиот Љубиша Кировски.

Говорејќи за претстојниот настап виолинистот вели дека тоа за него претставува голема чест бидејќи почетоците му биле токму во Македонската филхармонија. Неговото прво вработување било во овој ансамбл во 1993 година и дека токму поради тоа тој носи посебни емоции кон оваа институција.

„Ќе настапам со Концертот на Голдмарк, капитално романтично дело. Познатиот виолинист Јаша Кајфез има изјавено дека овој концерт го смета за еден од најубавите четири виолински концерти иако неоправдано не е многу изведуван во светот. Веројатно и поради тежината што ја носи. Носи неверојатни барања, бравурозни пасажи, романтични мелодии, бескрајна мелодиска линија што треба да ја долови самиот изведувач и навистина ќе дадам се* од себе да го претставам овој концерт онака како што доликува за прв пат пред македонската публика“, вели уметникот.

Љубиша Кировски.
Љубиша Кировски.

Кировски дипломирал на Факултетот за музичка уметноство во Скопје во класата на професор Зоран Димитровски, во чија класа и магистрира со посебна пофалба Кум Лауде. Настапувал како солист со Македонската филхармонија со концерти од Паганини, Виењавски, Шостакович и Хачатуријан во Скопје, Софија и во Сараево. Во 2001 година бележит е неговиот настап во Санкт Петербург во рамките на „Денови на македонската култура“, со рецитал и како солист со оркестарот на Санктпетербуршката капела, во изведба на Концертот во А-дур од Моцарт.

Две години подоцна свирел во Лондон со МАК-трио, додека во 2006 година реализирал концертна турнеја во шест градови во Шведска, како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

Кировски настапувал и како солист со Камерниот оркестар „Скопски солисти“, бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија, а сега е редовен професор на ФМУ и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година ја врши функцијата претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија.

Тој цели 24 години настапува и во дуо со својата сопруга, пијанистката Маја Шутевска-Кировска. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво и надвор од земјава, а досега има снимено и албумски објави. Добитници се на наградите „Златна лира“ (2004), „Виртуози“ (2014) и „Георги Божиков“ (2014).

Кон ова уште само и информацијата дека на концертот ќе му претходи кус ретроспективен осврт за историјатот на Македонската филхармонија што ќе го стори музикологот Марко Коловски, а ќе биде најавена и скорешната изложба на фотографии наречена „Маестро“, посветена на најзначајните диригенти на оваа наша национална институција. Спонзор на првата едиција „Маестро“ е „Арс Ламина“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG