Достапни линкови

Професионални, а не партиски дипломати


Министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Листата на нови амбасадори кои треба да ги пополнат испразнетите места е при крај, но конкретните имиња се уште не се откриваат. Од МНР велат дека главната заложба на овој процес ќе биде зголемување на бројот на амбасадори со соодветно искуство и капацитет.

Повеќе од дваесет дипломатско-конзуларни претставништва во моментот се без амбасадори, а осумнаесет од нив повеќе од шест месеци се без актуелни шефови. Од ресорното Министерство велат дека селекцијата на новите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва во странство се спроведува согласно одредбите од Законот за надворешни работи. Оттаму додаваат дека главна заложба во овој процес ќе биде зголемувањето на бројот на шефови на дипломатско-конзуларни претставништва на земјава во странство од составот на дипломатско-конзуларните службеници, со соодветно професионално искуство и капацитет.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров неодамна изјави дека листата на нови амбасадори е при крај и дека новите имиња ќе бидат искусни и професионални дипломати од кариера.

„Точно е дека сме во финална фаза во првата рунда на пополнување на амбасадори на Македонија и во таа рунда е вклучена и нашата мисија при Европската унија. Не би можел да зборувам за конкретни имиња, бидејќи постапката е во тек, меѓутоа акцентот е ставен на„мерит“ системот и на професионалци, односно кариерни дипломати“, рече Димитров.

Со ова се очекува засилен ангажман на македонската дипломатија, меѓу другото, и во центри од исклучително значење за земјата, согласно стратешките определби на Владата на Република Македонија, професионализација на дипломатската служба, и суштински поквалитетно претставување на Република Македонија на меѓународната сцена, дополнуваат од ресорното Министерство.

Тајната на успехот во дипломатијата е вистинскиот човек на вистинското место, во вистинско време, вели поранешниот амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски. Тој додава дека грешките во дипломатијата на претходната влада, односно пуштањето на нестручни и несоодветни кадри да бидат промотори на земјава не смее да се повтори и дека новите власти треба да бидат внимателни околу изборот на новите амбасадори.

„Еден дипломат може да се движи од една позиција на друга и нормално е во позиционирањето да одите скала по скала, како што е тоа во земјите со искусна и професионална дипломатија. Притоа мора да сметате дека тој човек, што доаѓа на тоа место, мора да е соодветно подготвен. Тоа ви е како на еден стјуард или стјуардеса да и дадете да управува со авионот", вели Арсовски

Тој смета дека парите кои од буџетот се одвојуваат за надворешната политика се многу помалку во однос на другите сектори, па според него недозволиво е повеќе од половина година да стојат испразнети 20 дипломатско-конзуларни претставништва.

„Дипломатијата е од сите министерства најевтиниот дел од буџетот, кога би се споредиле средствата кои се издвојуваат за здравството, одбраната, МВР, ние сме многу подолу на таа скала, така што според мене, нема проблем во таа насока. Но, ако парите од дипломатијата се прелеваат на другите места тоа е веќе работа на лоша политика внатре во земјата", вели Арсовски.

Инаку, Република Македонија, без Мисиите УНЕСКО И ФАО има 57 дипломатско-конзуларни претставништва во странство.

Во моментов, испразнети (без шефови на ДКП-а) се 20 претставништва, а 37 имаат актуелни шефови, од кои 31 амбасадор и шест генерални конзули. Осумнаесет дипломатско конзуларни претставништва се повеќе од шест месеци без шефови. Меѓу нив се Брисел, Берн, Лондон, Париз. На 15 амбасадори и двајца генерални конзули мандатот им истекува во првата половина на 2018 година. Тринаесет од актуелните амбасадори и четири генерални конзули се дипломати од кариера. Дваесет шефови на дипломатски преставништва не се дипломати од кариера, односно не се од редот на дипломатите во МНР.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG