Достапни линкови

Мигранти се собираат на границата меѓу Србија и Хрватска


Околу 150 мигранти поставија импровизиран камп, од шатори во таканаречена ничија земја меѓу Србија и Хрватска. Тие бараат да преминат во Хрватска и понатаму кон други земји на Европската унија.

Хрватската полиција распореди специјална едниница за справување со нереди со цел да ги запре мигрантите, вклучувајќи жени и деца, да ја преминат границата.

Дел од мигрантите застанаа пред полицискиот кордон, барајќи отворање на границата. Ахмед, мигрант од Иран вели:

„И ова е последното, ние сакаме да останеме тука додека не умреме, можеби тие ќе ја отворат границата и ќе заминеме. Само сакаме да заминеме од Србија, бидејќи тие не не поддржуваат“, вели тој.

Самир, исто така мигрант од Иран, пак, додава:

„Да, мислам дека ова не е Идомени. Се собираме заедно за да ја преминеме границата и ова е нашиот единствен план што го имаме“, вели тој.

Ирачкиот Курд Алија вели дека мигрантите немало ништо да ги спречи во нивната намера:

„Бидејќи луѓето, сите, имаат семејство во Европа, имам жена и две деца во Европа. Две години ги немам видено моите деца, само преку видео повик“, вели тој.

Според официјалните податоци, има околу 4.500 мигранти во редовните кампови во Србија.

Групите за човекови права велат дека стотици се разместени и во главниот град Белград, како и во гратчињата по должината на хрватската граница.

Мигрантите поставија и неформален камп меѓу Шид во Србија и Товарник во Хрватска.

Таканаречената „Балканска мигрантска рута“ беше затворена во 2016 година кога Турција се согласи да го запре приливот во замена за финансиска помош од Европската унија и за ветување за безвизно патување за турските граѓани.

Но, луѓето, главно од Блискиот Исток, Африка и Азија, продолжија да пристигнуваат во Србија, сега главно преку Бугарија, и се обидуваат да влезат во Хрватска и во некоја друга земја на Унијата.

Оние во регулираните кампови чекаат легален премин до другиот српски сосед, Унгарија, каде што се соочуваат со неизвесен процес на апликација за азил.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG