Достапни линкови

Европа да го зграпчи македонскиот момент во 2018 година


Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и универзитетскиот професор Флоријан Бибер
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и универзитетскиот професор Флоријан Бибер

Македонија е одлучна за влез во ЕУ и треба да продолжи со почнатите реформи за да ја искористи шансата за влез во ЕУ, заклучија универзитетскиот професор Флоријан Бибер и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на претставувањето на студијата „Да се зграпчи македонскиот момент“.

Следната 2018 година е шанса која Македонија треба да ја зграпчи на својот пат за влез во Европската унија, но шанса и за Унијата да го зграпчи македонскиот момент со нејзината стратегија за проширување, е заклучокот од студијата на Флоријан Бибер, професор по источноевропски студии на Универзитетот во Грац, насловена „Да се зграпчи македонскиот момент“.

Според професор Бибер, Македонија покажала дека е решителна за влез во ЕУ и оти во таа своја намера треба да продолжи со реформите и со ширењето на добрососедството кои оваа година ги почнала новата влада.

„Не е поентата само да се влезе во ЕУ, туку да се влезе здраво, како здрава демократија“, нагласи Бибер.

И неговиот домаќин, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, е оптимист во однос на европската стратегија за проширување.

„Со таа стратегија ЕУ треба да се отвори кон сите шест држави од регионот и да им дозволи партнерски да се натпреваруваат во реформи. Ние треба да бидеме верни на реформите и на добрососедството што ги почнавме, а на Унијата да и покажеме дека не се плашиме од оценување, и затоа веќе разговараме се две членки на ЕУ да ни помогнат во мерењето на корупцијата во Македонија“, рече министерот Димитров.

И тој и Бибер се согласуваат дека решавањето на спорот за името со Грција е клучен момент.

„Не е само да се реши името, туку и да се создаде доверба, вистинско пријателство и добрососедство“, вели професорот Бибер, кој смета дека во Македонија не треба да се очекува ЕУ да ја притисне Грција како своја членка да го реши спорот, бидејќи, како што рече, тоа не се решава со притисок туку со поддршка за двете страни.

Димитров не сакаше да открие кои опции се во игра во преговорите со Грција, но нагласи дека нема ништо да се направи без национален консензус и без да се прашаат граѓаните.

Професорот Бибер, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека е оптимист за решавањето на спорот со Грција, но предупредува дека во тој спор има многу непознати фактори, па затоа Македонија да биде подготвена и на неуспех на преговорите.

Флоријан Бибер - Македонија и Европа да го искористат позитивниот момент во 2018
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:39 0:00

„Тоа прашање може да биде решено, но има и многу непознати фактори кои можат да влијаат. Да бидеме реални, има многу такви преговори како македонско-грчките кои на крајот не успеале. Затоа Македонија мора да биде подготвена и на такво сценарио“, вели Бибер во интервјуто за РСЕ.

XS
SM
MD
LG