Достапни линкови

Ципрас-2018 ќе донесе позитивни случувања, ако владата во Скопје се откаже од иредентистичките тврдења


Архивска фотографија-премиерот на Грција Алексис Ципрас

Грчкиот премиер Алексис Ципрас очекува во 2018 година да се случи пресврт пошироко на Балканот, но и да има позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред. На заедничка прес-конференција во Белград по средбата со премиерите на Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Михај Тудосе и претседателот на Србија Александар Вучиќ, Ципрас рече дека идната година може да биде година од пресудно значење за разни други прашања кои се однесуваат на оваа област.

“Би ја искористил можноста да ги споменам и проблемите со кои со години се занимаваме со ПЈРМ. Како што рече и мојот пријател Борисов прашањето за Скопје можеби во 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред и кон решавање на тој проблем. Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение” рече Ципрас.

Тој додаде дека во таков случај тој ќе бил првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива, безбедност и сигурност на соседната земја.

“Знаете, ние сакаме да направиме иднина во која сите мирно заедно ќе живееме и ќе соработуваме. Тоа што не дели е помало и го има помалку во однос на тоа што не соединува”, рече Ципрас.

Грчкиот премиер нагласи идека таа цел претпоставува сите земји да преземат некои чекори. Таа цел, како што рече, бара да направиме јасни резови, да заземеме јасни позиции по прашања кои се од клучно значење.

“Ние четворицата сме целосно убедени дека треба да одиме напред, да преземеме и направиме храбри чекори и уште повеќе да ја зајакнеме соработката како би ја направиле 2018 пресвртница за нашите земји, за Балканскиот регион и воопшто за Европа и главно за нашите луѓе, затоа што луѓето се тие кои ние сакаме да ги заштитиме”, рече Ципрас на прес-конференцијата во Белград.

XS
SM
MD
LG