Достапни линкови

Нова „дупка“ во уште неизградените автопати


Градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип, 22 мај 2017.
Градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип, 22 мај 2017.

Да се пролонгира рокот за автопатот Миладиновци-Штип, за да не трпи стопанството, бара власта. Според анексот, сите обврски паѓаат на изведувачот. Опозицијата вели дека со измените не се почитува Законот за јавни набавки.

Власта бара измени во Законот за изградба на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, со што би се пролонгирал рокот за изградба на Миладиновци-Штип до септември следната година. Според законот, таа делница требаше да биде готова во мај годинава.

Закон за градба, па закон за пролонгирање на градба

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека бараат да се донесе по итна постапка за да не трпи стопанството и да се избегнат штети доколку овој закон не се донесе. Станува збор за анекс на договорот меѓу Јавното претпријатие за изградба на патишта и кинеската фирма Синохидро. Министерот вели дека согласно анексот, изведувачот има обврска да ги продолжи банкарските гаранции и да се откаже од сите надоместоци и други побарувања кои евентуално би произлегле, освен тоа изведувачот ги повлекува сите оштетни побарувања кои настанеле пред потпишувањето на анексот.

„Изведувачот се откажува од правото на надоместоци за сите евентуални други побарувања кои не се приклучени од овој анекс број 1, а се настанати пред датумот на овој анекс. Изведувачот се откажува од правото да поднесува нови оштетни побарувања заклучно со 15 февруари 2018 година. Ги повикувам сите пратенички групи – работата е сериозна, многу сериозна, да помине овој закон најбрзо во Собранието се со цел да го потпишеме овој анекс, да не се предизвикаат сериозни материјални штети во стопанството и се разбира да не настанат огромни штети по фирмите во Република Македонија“, рече министерот Сугарески.

Пред четири години, во октомври 2013, и владејачките и опозициските партии, гласаа за законот за градба на овие автопатишта и за кредитот од Ексим банка. Тогаш пратениците од СДСМ, кои беа во опозиција, гласаа за законот, оти како што рекоа, не се против градба на патишта, но обвинуваа дека се работи за корупциска зделка, посочувајќи дека се даваат многу пари, а реагираа и зошто зделката се доделува на компанијата без тендер. Откако СДСМ дојдоа на власт, објавија дека има „дупки“ во изградбата на патиштата, по што изградбата беше запрена.

Информациите од 2013 на тогашната влада говореа дека автопат Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра, а сега првичните владини анализи говорат за поголеми суми. Законот предвидува и десет проценти за дополнителни непредвидени работи. Според тогашните рокови, автопатот Скопје-Штип требаше да биде веќе изграден (мај 2017), а Кичево-Охрид да биде готов до 2018.

Во јули годинава, министерот Сугарески соопшти дека при изградбата на автопатот Миладиновци - Штип направени се пропусти за чие надминување, според првичните проценки, ќе бидат потребни дополнителни над 20 милиони евра. Што се однесува, пак, до првичната анализа за автопатот Кичево-Охрид, рече дека заради неодговорното работење биле предизвикани дополнителни трошоци од 120 милиони евра. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ лаже и сака да ја девалвира изградбата на автопатите.

Пратеникот Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на собраниска говорница рече дека за ист ваков закон, каков што предлага власта, СЈО има обвинителен акт против неколку лица заради непочитување на Законот за јавни набавки.

please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00
Директен линк

„Овој министер, мој почитуван колега и пријател, прави исто за што претходен министер добива обвинителен акт и овој министер не го почитува законот за јавни набавки, како што СЈО тврди дека треба да се постапи. Ако собранието не го донесе овој закон, можеби ќе настанат финансиски штети, но ако го донесе, ќе треба да донесе и закон за укинување на СЈО“, рече Димоски.

Патишта полни „дупки“

Грешки во проектирањето, изместување траса, ненавремено решени имотно-правни спорови, потоа обвиненија за корупција, за земање мито, се само дел од пропустите кои ја следат изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, поради што тие се сметаат за спорни.

Траекторија на СЈО за автопатиштата

Изградбата на овие автопатишта влезе и во СЈО, по објавените „бомби“ од опозицијата. Ова обвинителство во случајот Траекторија покрена обвиненија за избор на компанија за кинеските автопати против поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Во случајот обвинителен предлог има и против Никола Груевски.

please wait

No media source currently available

0:00 0:00:47 0:00
Директен линк

РСЕ пишуваше и дека големи разлики во сумите за двата автопата може да се забележат ако се отвори интернет страницата на кинеската компанија Синохидро и она што беше соопштено од македонската влада. Кинеската компанија наведуваше далеку пониски суми.

Премиерот Зоран Заев за проблемите со автопатите разговараше со амбасадорката на Кина во Македонија, Лин Лисјен. Тој најави и средба со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите, заради наоѓање брзо решение.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG