Достапни линкови

Заев: Не се размислува за реконструкција на Влада


Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека засега не се размислува за реконструкција на Влада. Тој денеска во Владата, каде што се одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост, истакна дека во моментов има дебата за пополнување на министерско место во здравство, кое остана испразнето откако Арбен Таравари од Алијансата за Албанците на локалните избори ја освои градоначалничката функција во Гостивар.

„Сега разговараме како тоа да се пополни и не се работи за некои други рекомбинации на Владата. Не размислуваме во таков правец. Навистина во првичната распределба здравство беше дадено на Алијанса на Албанците заради доктор Арбен Таравари, кој важеше за прифатлива личност за медицинскиот персонал. Јас сум убеден дека уште неколку дена и ќе ја објавиме комплетната контура на Владата, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали има вистина во шпекулациите за реконструкција на Владата.

Тој не сакаше ја коментира најавата за оставка на лидерот на опозицијата Никола Груевски од партиската позиција.

„ Не сакам да си дозволам да коментирам работи на нашиот прв политички опонент, и уште еднаш ќе повторам, силна опозиција ќе ја направи власта да биде поодговорна, потранспарентна, поотчетна и повеќе посветена на граѓаните. Tоа се внатрешни процеси, кои што членовите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со раководството и раководните структури, ќе си ги дефинираат како е за нив најдобро“ изјави Заев.

Груевски најави дека ќе поднесе оставка на челната функција на најголемата опозициска партија. Во интервју за порталот Курир, тој вели дека независно каков ќе биде исходот од анализата на изборите, тој ќе поднесе оставка пред органите на партијата. Од партијата сè уште не соопштуваат детали за тоа кога ќе се одржи вонредниот конгрес за избор на нов лидер на ВМРО- ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG