Достапни линкови

Трамп на азиска турнеја, истекува времето за Северна Кореја


Американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата прва азиска турнеја ќе порача дека „истекува времето“ за ставање крај на нуклеарната криза со Северна Кореја и оти Соединетите Држави се подготвени да се бранат. Трамп денеска преку Хаваи ја почнува десетдневната азиска турнеја при што ќе ги посети Јапонија, Јужна Кореја, Кина, Виетнам и Филипините.

За време на десетдневната, инаку најдолгата азиска турнеја на еден американски претседател во изминативе 25 години, Трамп ќе повика на дополнително изолирање на Северна Кореја, чија нуклеарна програма претставува „закана за целиот свет“, изјави неговиот советник за национална безбедност Херберт Рејмонд Мекмастер.

„Претседателот признава дека немаме време и ќе побараме од сите нации да сторат повеќе“, рече тој.

Затоа можеби најкритична ќе биде посетата на Трамп на Кина, каде што ќе побара од кинескиот претседател Си Џинпинг да стори повеќе за да ја заузда Северна Кореја.

Американски официјални претставници сметаат дека Кина гледа на Северна Кореја како на стратешко средство и оти не сака да ги прекине односите со Пјонгјанг поради страв дека тоа би можело да предизвика голем бегалски бран.

Мекмастер додаде дека Трамп, кој одобри повеќе санкции против Северна Кореја, е на почетокот на неговиот обид да го натера Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје.

Трамп веќе предупреди дека „целосно ќе ја уништи“ Северна Кореја доколку им се заканува на Соединетите Држави.

„Мислам дека мораме да бидеме малку трпеливи тука, најмалку неколку месеци за да видиме што може повеќе да направиме ние, вклучувајќи ја и Кина“, рече Мекмастер.

Тој оцени дека нема потреба од преиспитување на стратегијата спрема Северна Кореја.

Се очекува Трамп во Пекинг да го притисне кинескиот претседател да го намали извозот на нафта во Северна Кореја, увозот на јаглен од Пјонгјанг и да ги ограничи финансиските трансакции.

Трамп најави дека за време на престојот во Јапонија ќе одигра партија голф со премиерот Шинзо Абе, но одби да каже дали ќе ја посети демилитаризираната зона меѓу двете Кореи, наведувајќи дека ќе следело изненадување.

Од посетата на поранешниот претседател Роналд Реган на Панмунџом во 1983 година, Џорџ Буш постариот беше единствениот претседател кој не ја посети оваа најсилно чувана граница на светот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG