Достапни линкови

Нови моменти околу истрагата за руското мешање во изборите во САД


Поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Мајкл Флин, ќе соработува со специјалниот обвинител во истрагата за можен заговор меѓу изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп и Русија на ланските претседателски избори, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Адвокатите на пензионираниот генерал Мајкл Флин му рекле на правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп дека повеќе не можат да комуницираат во врска со истрагата на специјалниот советник Роберт Милер за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година.

Весникот „Њујорк тајмс“ објави дека адвокатите на Флин досега разменувале информации со правниот тим на Трамп за истрагата за тоа дали соработниците на Трамп се здружиле со Русија за да ја поткопаат претседателската кампања на Хилари Клинтон.

Ваквиот потег, според „Њујорк тајмс“, сигнализира дека Флин може да соработува со истрагата што ја води Милер.

Флин кој е централна личност во специјалната истражна постапка, само 24 дена му беше советник на Трамп откако тој влезе во Белата куќа на 20 јануари годинава.

Беше отпуштен откако било откриено дека за неговите контакти со рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Кисљак погрешно го информирал потпретседателот Мајк Пенс.

Трамп негираше дека имало каков било дослух. Тој по неговата средба во Виетнам со рускиот претседател Владимир Путин рече дека сé уште верува оти Путин не мислел оти имало руско мешање во изборите.

„Верувам дека претседателот Путин навистина чувствува и силно чувствува дека не се мешал во нашите избори“, рече тој.

Неодамна на еден собир во Вашингтон, американскиот јавен обвинител Џеф Сешнс се пошегува во врска со ова прашање:

„Сакам да ве прашам, дали амбасадор Кисљак е во собата тука? Некои Руси, праша тој.

Во меѓувреме, специјалниот советник Роберт Милер ја забрзува истрагата за можните тајни врски меѓу кампањата на Трамп и Русија.

Бројни советници на Трамп веќе признаа дека комуницирале со руските посредници.

Меѓу нив се Доналд Трамп Џуниор, поранешниот менаџер на кампањата Пол Манафорт и зетот на Трамп и негов советник Џаред Кушнер.

Американските разузнавачки агенции заклучија дека Москва се мешала во претседателките избори за да и помогне на кампањата на републиканците.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG