Достапни линкови

САД не сакаат ескалација на дипломатските тензии со Русија


Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон верува дека не би требало да ескалира дипломатската кавга меѓу Русија и Соединетите држави. Вашингтон и Москва најавија натамошна соработка во врска со решавањето на конфликтот во Сирија и на проблемот со нуклеарната програма на Северна Кореја.

Портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт на редовната прес конференција во Вашингтон запрашана за можноста од натамошни дипломатски кратења меѓу двете страни, изјави дека тоа не е на дневен ред.

„Секретарот верува дека нема потреба од дополнителна ескалирачка акција во овој момент и со нетрпение очекуваме да се обидеме да напредуваме“.

Таа додаде дека секретарот Тилерсон се надева оти двете земји можат да почнат да работат на подобрување на односите.

„Сакаме да ги подобриме односите - двете светски нуклеарни сили треба да бидат способни да работат заедно во областите на меѓусебна соработка,“ рече Науерт.

Науерт притоа забележа дека амбасадорот Џозеф Јун, инаку американски специјален пратеник за Северна Кореја бил во Москва во вторникот на разговори со руски претставници за напорите за стопирање на нуклеарната и ракетната програма на режимот во Пјонгјанг.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот рече дека новите санкции за Северна Кореја одобрени од Советот за безбедност на ОН и за кои гласаа и Русија и Кина, се само мал чекор и „ништо во споредба со она што на крајот ќе мора да се случи".

„Не знам дали има никакво влијание, но, секако, беше убаво да се добијат 15 гласови, но овие санкции не се ништо во споредба со она што во крајна линија ќе треба да се случи“, рече Трамп.

Деновиве пак, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека бил постигнат напредок во врска со формирањето зона на деескалација во југозападна Сирија.

Договорот за ова, како и за прекин на огнот во шестгодишната војна во Сирија беше постигнат меѓу Русија, Соединетите држави и Јордан.

„Изразуваме наша поддршка да ги решиме сите прашања за негово ефикасно функционирање во трилатерален формат. Ние се согласивме и на претстојни контакти во врска со ова прашање“, вели Лавров.

Следната рунда на преговори за сирискиот конфликт е закажана за 14 и 15 септември во Астана, Казахстан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG