Достапни линкови

Пиер Лом нов член на Клубот на Великаните на Фестивалот „Браќа Манаки“


Прес-конференција на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

Францускиот и светски кинематографер Пиер Лом, снимателот за чиј креативен врв се смета адаптацијата на антологиската љубовна поема „Сирано де Бержерак“, е вториот добитник на наградата за животно дело ЗЛАТНА КАМЕРА 300 на претстојното 38 издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што од 23 до 30 септември, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, ќе се одржи во Битола.

„Ви благодарам на поканата и на Наградата за животно дело. Со задоволство ја прифаќам и Ве информирам дека со мојата сопруга Рене ќе дојдеме во Битола за да уживаме во Фестивалот и да ја откриеме и запознаеме вашата земја.“

Ова ќе го напише францускиот и светски кинематографер Пиер Лом во своето писмо до организаторите на ИФФК „Браќа Манаки“ - Друштвото на филмските работници на Македонија, по добивањето на информацијата дека е вториот добитник на наградата за животно дело ЗЛАТНА КАМЕРА 300 на претстојното 38-мо издание на манифестацијата, што од 23 до 30 септември, ќе се одржи во градот под Пелистер. Со тоа тој станува нов член во Клубот на Великаните во кој од годинава е и Џузепе Ротуно, а тука се и Роби Милер и Џон Сил, Јаромир Софр, Ленчевски, Николиќ, Менгез, Алкаин, Спиноти, Вилмош Зигмунд, Виторио Стораро, Свен Никвист и многу други.

Пребогатиот опус на Лом го чинат над стотина филмови од кои 60 играни, а преостанатите се документарни и кратки остварувања. Во кариерата која трае над половина век, уметникот и денес почесен претседател на Асоцијацијата на француските кинематографери, според познавачите „го красат разновидни визуелни, кинестетски и жанровски изрази“. Притоа неговото име се врзува со плејадата водечки француски режисери, а повеќе од импозантен е и бројот на делата на реномирани светски автори каде се јавува како снимател. Многу од тие филмови биле премиерно прикажувани на Канскиот филмски фестивал, каде патем Лом има своја награда како кинематографер, а исто така е лауреат на главната француска филмска награда „Сезар“ за неколку антологиски филмови.

Пиер Лом, француски кинематографер.
Пиер Лом, француски кинематографер.

Соработувал со творци како Ив Боасе, Вилијам Клајн, Џејмс Ајвори, оскаровецот Фолкер Шлондорф, Клод Бери, Душан Макавејев, Бруно Нитен, Жан Осташ, сценаристот и режисер Жан Пјер Мелвил („Армија од сенки“)...а за врв на неговата креативност се смета филмската адаптација на антологиската љубовна поема на писателот Едмон Ростан - „Сирано де Бержерак“ што на големото платно во 1990 година ја донел големиот автор Жан Пол Рапно.

„За многумина почитувачи на филмот ова е ремек – дело. Според многу критичари, а и според мене креацијата на Лом и неговата соработка со режисерот Рапно во „Сирано де Бержерак“ навистина заслужува Оскар, но Американската филмска академија, како што знаете, ова награда ја доделува само на американските филмови“, вели Благоја Куновски Доре, директор и селектор на главната програма на „Браќа Манаки“

А Кристијан Тимоније, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, по соопштувањето на веста дека Лом е добитник на наградата за животно дело ЗЛАТНА КАМЕРА 300, не го крие своето задоволство што еден од живите великани на француската кинематографија е годинашен лауреат на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Бев пријатно изненаден кога дознав дека големиот лауреат годинава е Пиер Лом, директор на фотографија и сценарист кој има снимано со најпознатите француски и европски режисери. Ви благодарам што на почесен пиедестал го ставате овој голем француски кинематографер. Ние ќе му дадеме поддршка на овој важен фестивал“, изјави амбасадорот.

Од друга страна Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија, на прес конференцијата одржана во ЕУ Инфор-центарот во Скопје, информираше дека конечно се расчистени и сите недоразбирања и дилеми околу организацијата на фестивалот.

„Сите обиди на одредена група луѓе да го преземат фестивалот се завршени. Фестивалот Браќа Манаки останува кај тие што го основале, кај тие што организирале со децении Друштвото на филмските професионалци. На моите колеги, филмските работници им честитам за единственоста и успехот и на оваа извојувана правда и победа, фестивалот да се врати онаму каде што припаѓа“, истакна Насков.

Згора на тоа, беше објавено и тоа дека во ДФРМ одлучиле наградата на Друштвото „Големата Ѕвезда“ да му ја доделат на „Вардар филм“, институцијата која годинава одбележува 70 години од своето основање и која се смета за најзначајна во развојот на македонскиот филм.

Конечно, на средбата со новинарите беа соопштени и имињата на членовите на петчленото жири кое ќе одлучува за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 на годинашниот фестивал. Тоа се: Пол Рене РОСТАД, кинематографер од Норвешка, актуелен претседател на ИМАГО и членовите: Лука КОАСИН, кинематографер од Италија, Јани – Петери ПАСИ, кинематографер од Финска, Даријан ПЕЈОВСКИ, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол ЗУБЧЕВИЌ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG