Достапни линкови

„Златна петорка“ отвора процес против македонската „филмска мафија“


Сцена од филмот Златна петорка

На денот на премиерата на „Златна петорка“ на „Балкан филм фест“ во Брно, Република Чешка, режисерот Горан Тренчовски и продуцентот Дејан Милошевски најавуваат отворање на процес против „филмската мафија“ во земјава. Причината е „скандалозната одлука“ на Друштвото на филмски професионалци на Македонија годинава да не предложи ниту едно дело кое би се нашло во конкуренција за оскар за најдобар странски филм.

Со 17 илјади гледачи во земјава и 80 илјади надвор од неа, 25 селекции на фестивалите во светот и шест меѓународни награди досега, „Златна петорка“ дебитантскиот долгометражен игран филм на режисерот Горан Тренчовски, како еден од двата предлога со „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска, сепак не ја доби довербата од Друштвото на филмските професионалци да биде македонски кандидат за наградата оскар за најдобар странски филм.

Со тоа земјава годинава нема да ја има на најизвиканата додела на филмски награди, а режисерот и продуцент Дејан Милошевски цврсто се решени „правдата да ја истераат на виделина“.

„Како филмски автор, под притисок на јавноста, поттикнат од поддршката од семејството, од медиумите, пријателите од светот и Македонија, како и сите други правдољупци и поклоници на седмата уметност, ви ветувам дека ја продолжувам демократската битка за разобличување на овој срамен скандал“, вели Тренчовски.

Тој дополнува дека тие биле подготвени и самите да си ги покријат трошоците од сопствени средства за промоција на филмот во САД. Дури и да се откажат од кандидатурата за сметка на другиот кандидат, но како што велат „ним им е повеќе од јасно дека вистинската причина за спречувањето за номинација не е квалитетот на нивниот филм, туку тоа се најмалку две други причини“. Дека едната е „идеолошка“, а дека другата е всушност „обидот за нанесување лична штета за режисерот да не добие поддршка за неговиот следен долгометражен игран проект“.

„Јас го добив овој филм како режисер по 25 години макотрпна работа во културата и уметноста во Македонија, а ми беше одобрен буџет како за дебитант. Со продукцијата ги урнавме сите претходни клишеа на филмската продукција, кога станува збор за третман на сложени теми, а според сите релевантни показатели испадна дека ова е најгледаниот и најнаградуван македонски филм во изминатата сезона, дома и во странство. Докажавме дека и со малку средства доделени од Агенцијата за филм и со многу пожртвувана работа и љубов, може да се направи убаво филмско дело. Но, очигледно, македонските сиви еминенции не можат да ти го простат успехот, макар постигнат и наспроти сите можни пречки. Тие можеби и ќе продолжат да негираат, но не можат да ни ги одземат знаењето, волјата, искуството и слободата“, истакнува режисерот.

Тренчовски е категоричен дека „поради скандалозната намера оваа година Македонија да нема претставник во трката за Оскар“, тие јавно го отвораат проблемот со постоење на „филмска мафија“ во Македонија и дека сега на потег се државните институции. Вели дека за нанесената колективна и приватна штета, како автори и продуценти ќе покренат судски процес против инволвираните и дека на тој начин наедно ќе иницираат процеси за нормализирање на состојбите во македонскиот филм.

„Таа скандалозност, таа резигнираност не води кон креативна клима. Води кон криза, а кризата не е добро нешто. Ние сакаме да извлечеме поука од овој скандал, не само вакво нешто да не се повторува, туку едноставно ако не се достојни тие луѓе да носат такви издржани одлуки приматот да се додели на друго тело или друго здружение, на некој состав којшто ќе биде хетероген, луѓе од високошколските установи, факултетите за драмски уметности, МАНУ, академски образовани луѓе со искуство кои би иницирале една поширока дискусија и полемика и да се најде делото коешто ќе ги исполнува критериумите за оскар“, појаснува авторот.

Инаку, по фестивалската проекција во Брно, „Златна петорка“ ќе биде прикажан во Варшава, Полска, во Софија соседна Бугарија, потем патува на еден мошне престижен фестивал посветен на дебитантски филмови во Санкт Петербург во Русија, а кон крајот на ноември и декември е планирано да биде дистрибуиран во Србија и во Хрватска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG