Во градовите Неа Перамос и Мандра, западно од Атина, натрупани автомобили и парчиња мебел лежат на патиштата и во внатрешноста на домовите, извалкани во густата кал, по беснеењето на водата.
Жителите плачејќи изразуваат лутина додека спасуваа дел од покуќнината и ја чистеа калта од нивните домови.
Грчки официјални претставници изјавија дека ќе чекаат да се подобрат временските прилики за да почнат да ја утврдуваат штетата.
Најмалку четворица сè уште се водат за исчезнати.
Повеќето од жртвите биле постари лица.
Во Грција знамињата се спуштени на половина копје поради тридневната жалост што ја прогласи владата по поплавите.
Експертите сметаат дека до катастрофата нема да дошло ако се почитуваа градежните стандарди.
Двата града биле изградени по должината на еден стар автопат кој ја поврзувал Атина со градот Коринт на Пелопонез.
Изградбата на куќи се поблиску до автопатот, придонесе за блокирање на некои потоци и речни текови.
Локалните жители се разочарани и огорчени. Еден од нив Јанис вели:
„Најголемо количество вода дојде од планината. На планината имаше многу дожд и тука ги претрпевме резултатите од дождот“, вели тој.
Николаос Статос, пак, додава:
„Тоа е целосно уништување. Пред пред две години се случи нешто слично. Тие дојдоа, направија извештаи, но немаше резултати, а ние не добивме ништо, немаше никаква помош. Што можеш да кажеш? Што можеш да направиш? Бог нека ни е напомош“, вели тој.
Со исто чувство на горчина е и Марија Криада која вели:
„Срцево се уште ме боли, излеговме токму навреме. Ме загрижува индиферентноста - немаше никој до нас да ни каже бидете храбри“, вели таа додавајќи:
„Сега тие доаѓаат, во нивните костуми, поминуваат во костуми за да ја видат оваа „прекрасна глетка“, вели таа.
Од истражувачкиот центар за Атмосферска физика и климатологија во Атина велат дека ваквите поплави се последица од климатските промени.
„Се разбира дека државата не беше подготвена, но не можеме да се натпреваруваме со природата“, вели раководителот на Центарот Христос Зеферос, додавајќи:
„Треба да бидеме подготвени на почести вакви појави“, вели тој.