Достапни линкови

Ураганот Харви остави огромни штети во Тексас


Властите на Хјустон соопштија дека вовеле полициски час за да се спречат грабежи во евакуираните области поради поплавите предизвикани од ураганот Харви. Американскиот претседател Доналд Трамп кој ги посети поплавените места во Тексас оцени дека катастрофата имала „епски размери“.

Полицискиот час во четвртиот по големина град во САД ќе трае од полноќ до 5 часот наутро.

Градоначалникот на Хјустон Силвестер Тарнер изјави дека било опасно во тоа време да се биде надвор.

„Но, има премногу луѓе од нашиот град, премногу жители кои се надвор од нивните домови и се во засолишта. Не сакам тие да се грижат за тоа некој да не им влезе во нивниот дом“.

Шефот на полицијата на Хјустон Арт Авеведо пак изјави дека полицајците веќе се соочиле со луѓе со огнено оружје кои вршеле грабежи.

Рекордните врнежи од дожд предизвикаа невидени поплави во Хјустон што принудија десетици илјади луѓе да ги напуштат нивните домови.

Полицијата соопшти дека спасила повеќе од 13.000 лица од поплавите во Хјустон.

Од Црвениот крст изјавија дека во засолништата, стадионите, црквите и други места кои ги отворија вратите за привремените бездомници се сместени неколку десетици илјади луѓе.

Властите објавија дека имало и дваесетина смртни случаи од невремето што го предизвика ураганот Харви.

Американскиот претседател Доналд Трамп кој ги посети поплавените подрачја во Тексас оцени дека катастрофата имала „епски размери“.

„Но, веројатно никогаш не било нешто толку скапо во историјата на нашата земја. Никогаш не постоело нешто толку историско во смисла на штета и на жестокост како што сме сведоци со Харви“.

Штетите во Тексас досега се проценуваат на 42 милијарди евра, поради што ураганот Харви би можело да се смета за еден од петте најскапи што ги погодија Соединетите држави.

Главните операции сега се сведуваат на евакуација на населението и давање помош на загрозените, но некои агенции за проценка сметаат дека набрзо ќе стане пресудно пршањето за влијанието на овој ураган врз стопанството на Тексас, држава која е втора најголема во САД по површина и по население.

Најскапиот ураган беше Катрина во 2005 година кој чинеше 118 милијарди долари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG