Достапни линкови

Визуелниот универзум на Тимчевски на изложба во Куманово


Тимчевски „Моменти“ плакат

Дваесет и пет дела, работени во техниката акрил на платно, ја чинат третата самостојна изложба „Моменти“ на академскиот сликар Слободан Тимчевски, што од 16 до 30 ноември се одржува во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Во нив, како што ќе биде забележано, „гледаме еден современ автор којшто за краток временски период ќе биде препознатлив и влијателен на македонската ликовна сцена“.

Обидувајќи се да ги исчитаме пораките од најновото творештво на академскиот сликар Слободан Тимчевски и анализирајќи ги делата од опусот со работен наслов „Моменти“ работени во техниката акрил, се чини дека имаме задача да дешифрираме една мошне сложена сликарска идеја којашто е надградувана и конципирана во еден повеќегодишен период. Оттука и чувството при првата средба со сликите дека истите се дел од еден огромен проект, од едно големо виртуелно платно во главата на авторот и дека тој само ни дава парчиња од сложувалка, делови коишто претставуваат детали од тоа платно. Или поедноставно кажано, не нè напушта чувството дека секоја слика е дел од некој полиптих носејќи го во себе принципот на холограм – дека во делот се содржани информациите за целината. А тие целини, мораме да признаеме, воопшто не наликуваат една на друга во формално-визуелна смисла и се микрокосмоси за себе...

Ова се дел од импресиите на историчарот на уметност Роберт Цветковски од делата претставени на третата самостојна изложба „Моменти“ на уметникот и педагог Слободан Тимчевски, што од 16 до 30 ноември се одвива во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Во своето писание тој истакнува дека во најновата збирка на дела на Тимчевски „можеме да согледаме и повеќе други влијанија од поп-арт, стрит-арт и стрипот, што говори за еден едуциран автор којшто има апсолвирано и теоретски знаења коишто успешно ги имплементира во своите дела градејќи еден свој визуелен универзум“, за да заклучи дека во неа „треба да препознаеме и еден современ автор којшто за краток временски период ќе биде препознатлив и влијателен на македонската ликовна сцена“.

Но наспроти ваквата теориска елаборација, уметникот знае да каже дека неговата изложба всушност ја чинат моменти од неговото, нашето секојдневие. Дека го слика она сè околу нас. Дека секое дело е за себе своја приказна, но дека пристапот во нив е ист.

„Пристапот во суштина е ист во сите дела иако тие едно од друго се разликуваат. Станува збор за претставување на навистина различни моменти од нашиот заеднички живот и во тоа е суштината на делата“, вели Тимчевски.

Слободан Тимчевски.
Слободан Тимчевски.

Тој дополнува дека реално станува збор за поставка од „свежи дела“, од слики настанати во последниве три месеци. Вели дека како „семеен уметник“ кој патем има „милион обврски“ принуден е да води битки за слободно време во кое би творел, но дека „ете некако успева“, иако тоа од бројот на самостојните изложби и не се гледа – само две и тоа во родното Куманово.

„Некако во годините наназад на прво место ми беше уметноста. Тоа ми беше примарно а не бројот на изложбите. Веројатно тоа е така и затоа што сум дома, згора на тоа во Куманово – надвор од центарот на ликовните случувања. А можеби и по првите две доживеав некако колапс – добра изложба, сите те фалат...и решив да се фрлам на уметноста. Малку да сликам сега за сега. Без преоптоварувања. Бев и отсутен по втората, но еве гледам дека дојде време нешто и да покажам од себе“, вели тој.

И, кога ова е веќе познато нималку не чуди што по само две недели од завршувањето на „Моменти“ во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Тимчевски на 15 декември, во Галеријата во Куманово, на ликовната публика ќе и го понуди и продолжението на својот актуелен се уште не именуван творечки циклус („Постмоменти“ или можеби нешто трето) . Вели дека тоа ќе биде убава можност тие да видат „еден жив пулсирачки процес и да стекнат спознание како се развива дело по дело“. Да осознаат „еден убав пат на уметноста и нормално на уметникот“. Да испијат „една полна чаша уметност“, та, дури потоа тој ќе размислува за патување на изложбите во други галериски простори – во земјава или надвор од неа.

„Уметноста живее со публиката и токму поради тоа мора да се оди понатаму. Да ги отвориме вратите, а и нашава земја Македонија треба нам на сите творци да ни даде повеќе можности. Не значи сега ако сум во Куманово и тука светот да заврши. Јас таа точка ја елаборирав многу одамна. Сликам заради уметноста. Имам една чиста ситуација. Без многу полемики“, вели Тимчевски.

Роден 1974 година во Куманово, Слободан Тимчевски средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршил во Скопје во класата на професор Рубенс Корубин. Непосредно по дипломирањето во 1999 година започнал да работи како наставник во ООУ „Браќа Миладиновци“ во родниот град, а во моментов е на магистерски студии по графички дизајн на Универзитетот ФОН. Зад себе има две самостојни изложби и бројни учества на колонии и групни изложби во земјава и посебно во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG