Достапни линкови

Пелинце и Пчиња – Инспирација за ликовното творештво


Деветнаесет академски сликари од Македонија, Србија, Романија, Франција и Турција, учесници на традиционалната меѓународна 43-та Ликовна колонија „Куманово 2017“.
Деветнаесет академски сликари од Македонија, Србија, Романија, Франција и Турција, учесници на традиционалната меѓународна 43-та Ликовна колонија „Куманово 2017“.

Сликари од неколку земји една недела творат инспирирани од убавините на козјачко-пчињскиот регион. Уметничките дела создадени на оваа колонија ќе бидат поставени на изложба во Галеријата во Куманово и во други градови,

Издашната природа, тивкото жуборење на реката Пчиња и прекрасниот птичји оркестар во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во кумановското село Пелинце, козјачко-пчињски регион и годинава им го пружија гостопримството на 19 академски сликари од земјава, Србија, Романија, Франција и Турција, учесници на традиционалната меѓународна 43-та Ликовна колонија „Куманово 2017“.

Во организација на кумановскиот Музеј и локалната самоуправа, врвните сликарски имиња за седумдневниот престој својата инспирација и вдахновеност од амбиентот пренесени во неколку сликарски техники ќе ги остават на Куманово како спомен и печат за нивното уметничко творење. Сликари кои првпат доаѓаат на оваа колонија од овој сликарски амбиент носат спомени за понатамошно творење. Инспирацијата си ја имаат длабоко во себе, велат некои од запрашаните сликари.

„Ама тоа што го носиме го пронаоѓаме според тоа што ни го привлекува нашето внимание. Мене ми се допаѓа што е убава природата. Има многу големи стари дрвја, и дека има река, има некако повеќе елементи што прави работите да се креативни. Тука сликам со масло и тоа апстрактни слики што ги гледам од внатре. Одбрав да сликам тоа што ме опкружува, пејзажи, дрвјата, дивите сливи што ги собрав тука“, вели Кристина Хаџиева од Скопје.

Мелек Тикен е сликарка од Истанбул, Турција. Првпат е тука, а местото за неа е повеќе од инспиративно.

Душка Радуновиќ од Франција вели дека на кумановската колонија е втор пат и дека не може да го опише македонското гостопримство и грижата на домаќините на уметниците да им се обезбедат што подобри услови за творење. Таа користи акрилик како база, но со свои специфики, употребува свои бои, екстрапиктурално, користи триње од абоносово африканско дрво.

„Амбиентот може многу да помогне, овој мир тука, оваа тишина, зеленилото, тука е фантастично човекот да се опушти, јас изнесувам сè од својата внатрешност. Апстрактен сликар сум и го сликам не она што го гледам, туку она што го чувствувам. А тука премногу чувствувам“, вели сликарката Радуновиќ.

Атрактивноста на оваа колонија, една од најстарите во државава покажува и големата заинтересираност на уметниците. Така, на некои не можело да им се излезе во пресрет, а се работи главно во класичните техники во сликарството и скулптурата.

„Оваа година имаме и освежување во начинот на работата на уметниците, уметникот од Турција ќе работи и видео арт перформанс, така што очекуваме богата продукција и во однос и на квантитет и на квалитет“, вели Драгана Спасковска, кустос во кумановскиот Музеј.

Уметничките дела создадени на оваа колонија ќе бидат поставени на изложба во Галеријата во Куманово и во други градови, делата ќе останат во депото меѓу досегашните илјада и 300 создадени од над 400 реномирани светски сликари. Специфично за оваа колонија е што започнала во Манастирот Прохор Пчињски, а поради општествено-политичките промени беше пренесена во Манастирот „Света Мала Богородица“ во Матејче, потоа во Куманово, а со изградбата на Меморијалниот центар „АСНОМ“ таа се одржува на овој локалитет.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG