Достапни линкови

„Скици 2017“ во Куманово - хетерогена збирка на цртачки мапи


Цртеж на Симона Јакимовска

Дела на 15 ликовни уметници работени во различни техники ќе се најдат на седмото издание на биеналната изложба на цртеж „Скици 2017“, што од 29 септември до 20 октомври, ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Дејан Арсовски Бабата, Зоран Арсовски Бабата, Марија Величковска, Бране Величковски, Владимир Величковски, Симона Јакимовска, Зоран Јакимовски, Стефан Јакимовски, Ана Јовановска, Далибор Крстевски, Борис Кукуњавски, Страхил Петровски, Вера Тодоровска, Трајко Тошевски и Марина Цветановска Мартиновска се 15-те академски уметници чии дела ќе бидат изложени на седмото издание на биеналната изложба на цртеж „Скици 2017“, што од 29 септември до 20 октомври, ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Заложбата на организаторите е со оваа поставка ширум да се отворат вратите за сите ликовни творци (досега учество земаа само академските сликари) и на тој начин да му се даде масовност на проектот. Со тоа наедно се очекува уште поголема разновидност во однос на понудените идеи и авторски решенија имајќи го притоа во вид фактот дека цртежот отсекогаш добивал посебен третман условен од влијанието на ликовно-техничката дисциплина во којашто еден уметник се изразува.

Роберт Цветковски, историчар на уметноста, во каталогот за изложбата пишува дека „затоа нè зачудуваат нагласената употреба на бои и колористички цртачки решенија од страна на академските сликари, бихромни композициски структури со нагласена употреба на линијата - карактеристика на академските графичари, како и сложени стилизирани асоцијативно-фигуративни сцени со нагласена нота на волуменот и фактурата на материјалот интерпретирани од страна на академските скулптори“. Понатаму, тој потенцира дека „ако кон ова го додадеме повеќегодишното искуство во градењето на својот ликовен израз, којшто 15-те автори учесници го носат како свој личен багаж и нивниот силен индивидуален печат одамна препознатлив на ликовната критика и публика, добиваме една хетерогена збирка на цртачки мапи коишто го покажуваат целиот раскош и богатство на цртежот“. Во своето појаснување дополнува дека „на цртежот во изразно-техничка смисла, лимитот може да му биде само димензијата на хартијата на којашто се изведува, а дека во креативно-творечка смисла може да биде лимитиран од техниката во која се креира делото, за да заклучи дека „цртежот како првична ментална скица и појдовна основа за создавање на било какво уметничко дело е практично неограничен ресурс запишан во потсвеста на секој творец“.

„Можноста за конекција со овој невидлив сегмент и негова материјализација преку вештите раце на уметникот ни дава еден чуден резултат којшто честопати придвижувал многу креативна енергија којашто, пак, завршувала во врвни уметнички дела“, вели Цветковски.

Затоа, додава тој, цртежот секогаш се сметал за прв чекор во реализацијата на какво било инвентивен артефакт, а кога се работи за ликовната уметност, се чини како задолжителна дисциплина во којашто уметникот мора да ги трасира своите идни чекори.

„Интересот за цртежот на овие простори отсекогаш варирал во зависност од иницијативите коишто ги покажувале институциите од областа на културата. Затоа и обидите од наша страна да го актуализираме цртежот се чинат оправдани а во таа насока одат и минатогодишните искуства коишто говорат за прифаќање на оваа дисциплина како рамноправна со сите други ликовни техники“, вели Цветковски.

Навраќајќи ѝ се на иницијалната идеја за проектот, тој забележува дека тоа била презентација на скромни цртачки реализации во коишто линијата била единствено изразно средство, што е и дефиниција на цртежот. Но, со тек на времето пристапот еволуирал, па како што вели, актуелната понуда се состои од дела во коишто рамноправно учество земаат цртежот, бојата и материјалот.

„Тие сложени скици што можат да го понесат епитетот на финално самостојно дело го градат идентитетот на авторот доближувајќи го до консументот и прикажувајќи му дел од моменталните интуитивни цртачки акции фатени на цртачката хартија. Тоа се искрени изливи на креативната енергија во која сè уште не е вкалкулиран интелектот па затоа и вредноста на овие дела е значајна во смисла на искреноста и непосредноста“, вели тој.

Проектот „Скици 2017“, чиј организатор и координатор е НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, годинава е поддржан од страна на Министерството за култура, но неговите потписници се убедливи во тврдењето дека „за самата негова биенална опстојба, најзначајни всушност се ликовните творци коишто и овојпат отстапиле дел од своите трудови.

„Посебна тежина во поставката внесуваат и делата на уметници коишто повеќе не се со нас, но со својата богата ликовна продукција дале голем придонес во пишувањето на историјата на уметноста во нашиот град и пошироко. Да се надеваме дека и четвртиот субјект – ликовната публика ќе биде на висина на задачата и дека со внимание ќе ги проследи понудените цртежи што, пак, нам ќе ни послужи како мотив за иден ангажман во смисла на уште подобро презентирање на современиот цртеж од овие простори“, истакнува Цветковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG