Достапни линкови

Неделници - Политичка проституција и резиме на работата на претходната влада


Пратеници во Собрание на РМ.

Владата можат да ја поддржат и 120 пратеници, ама пазарење за нечија слобода и политичка проституција не смее да има, пишува Фокус. Капитал пак објавува интервју со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во кое тој прави своевидно резиме на досегашната анализа на работењето на владата на Груевски.

Фокус - Политичка проституција не смее да има

„Ќе има ли пак политичка проституција?“ – прашува уводничарот во „Нештата да станат појасни“ во Фокус, анализирајќи ја изјавата на премиерот Заев за судбината на изборната коалиција по „изборната ’рчка со Алијансата на Албанците“, како што пишува, дека „парламентарното мнозинство не само што е стабилно, туку може да му се приклучат и други пратеници“.

Послужувајќи се со народната мудрост дека ѓаволот ни ора ни копа, авторот наведува некои од спекулациите што се вртат во јавноста дека ДПА на Мендух Тачи ќе влезе во Владата, потсетувајќи на разговорот помеѓу Тачи и Мијалков, слушнат во една од „бомбите“, кога Тачи му се колне на верност „до смрт“ на братучедот на Груевски, и на неговите политички лупинзи, ту со ВМРО-ДПМНЕ, ту со СДСМ, потоа на „гревовите“на феудалната партија, како што ја нарекува, на Ѕинго, и можноста правно и политички да се амнестираат Ивона и Латас, кои во меѓувреме ќе ги бројат парите уплатени од СДСМ од кампањата за локалните избори, на Авировиќ и нејзиниот син, кој како овластен потписник на „Силекс Неметали“ е обвинет заедно со Кочан за фалсификување документиза добивање тендер од 17 милиони евра, па на можните пребези на пратениците Љупчо Димовски и Стојан Миланов, првиот слушнат во „бомбите“ како предизборно штима со Јанакиески исплата на земјоделски субвенции, вториот, баџанак на Ѕинго, кој се „прослави“ со менаџирањето на јапонскиот кредит за „Злетовица“, и така натаму и така натаму....

Авторот на уводникот во Фокус на крај ја кажува главната поента: „Владата можат да ја поддржат и 120 пратеници, ама пазарење за нечија слобода и политичка проституција не смее да има! Тоа би сакал да го слушнам и од Заев. Или можеби сум наивен“, завршува авторот на уводникот.

Капитал - Интервју со генералниот секретар на Владата, Рашковски

Капитал објавува интервју со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во кое овој прави своевидно резиме на досегашната анализа на работењето на владата на Груевски, при што, покрај другото вели:

„Јавноста веќе слушна за дел од незаконското работење на претходната власт. Откривме нереално високи трошоци за авиобилети, фиктивно исплаќање на над 2.600 часови месечна прекувремена работа, криминал направен со ГТЦ, криминал во ЈПМРТ со агенција најмена да испитува рејтинг и гледаност, а воопшто не поседувала т.н. „пиплметри“... Исплатени се 100 илјади евра на приватна агенција за обука на 1600 вработени во ЈП Македонски шуми, а нема никаков записник, ниту кој е обучен, ниту кој обучувал, ниту какви обуки поминале тие работници... Се потврдува дека се злоупотребени народни пари во вредност од неколку милијарди евра, политички реваншизам нема да има, но нема да има ниту толерирање на неработењето за кое биле исплаќани огромни пари“, вели Рашковски во интервјуто за Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG