Достапни линкови

Договорот со Бугарија во Собранието по официјалниот крај на изборите


Архивска фотографија - премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот
Архивска фотографија - премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот

Ниту Владата го доставила договорот со Бугарија до Собранието, ниту пак од ВМРО-ДПМНЕ досега поднеле иницијатива за референдум, како што најавија. Во Бугарија. пак, тамошна влада веќе го испрати до пратениците кои се очекува да го ратификуваат деновиве.

Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија владата сѐ уште не го доставила до македонското собрание поради паузата што ја направи парламентот заради изборите, велат од владата. До македонското собрание, според собраниски извори, не стигнала ниту иницијативата за распишување референдум за договорот која опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја најави минатиот месец.

„Владата на Република Македонија, односно Министерството за надворешни работи, ќе го достави договорот веднаш штом ќе бидат изборите прогласени за завршени. Потоа останува на Собранието на Република Македонија да го стави овој договор во календарот за работата на пратениците и да започне постапката за негова ратификација“, велат од владината прес-служба.

По двата круга од локалните избори оваа недела се прегласува уште во една изборна единица во Чаир, по што ако нема приговори, изборите и целосно ќе бидат завршени, па според најавата од владата, договорот би требало да стигне до пратениците.

Во меѓувреме, иако ВМРО-ДПМНЕ пред дваесетина дена соопшти дека Извршниот комитет решил пратеничката група да достави до Собранието предлог за организирање референдум за граѓаните да се изјаснеле за договорот, според собраниски извори, тие се уште не поднеле иницијатива.

Тогаш од партијата наведоа дека бараат народот да го одобри договорот пред парламентот да го ратификува, што би значело дека би барале обвзрувачки референдум, но неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ денеска не одговорија на прашањето на Радио Слободна Европа кога планираат ја поднесат иницијативата до Собранието.

Тоа, пак, би придонела целата процедура со ратификацијата да се одолговлечи. Според законот за референдум, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе предлогот до Собранието тоа е должно во рок од 30 дена од поднесувањето да донесе одлука. Таа се носи со мнозинство од вкупниот број пратеници, што би значело дека за распишување на референдум е потребен 61 глас. Ако се случи да помине идејата тогаш таа се објавува во Службен весник, а од денот на објавувањето до одржувањето не можат да поминат помалку од 60, ниту повеќе од 90 дена.

Бугарската влада, откако изгласа поддршка за договорот, го испрати до Народното собрание каде што се очекува во наредниве денови да биде поддржан и од пратениците. Инаку, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија со години го преговараше и претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Го потпишаа премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борис на први август годинава, најавувајќи го како договор за иднината, а чинот беше поздравен и од меѓународната заедница. Пред потпишувањето, во јули договорот беше презентиран пред Комисијата за надворешни работи на Собранието.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG