Достапни линкови

Радиоактивниот облак над Европа потекнува од Русија или од Казахстан


Илустрација: Знак за нуклеарна опасност

Радиоактивниот облак над Европа од крајот на септември веројатно потекнува од нуклеарна постројка во Русија или во Казахстан, соопшти францускиот институт за нуклеарна безбедност ИРСН. Во вчерашното соопштение од институтот се отфрла можност од нуклеарна несреќа и се наведува дека веројатно се работи за истекување во постројка за обработка на нуклеарно гориво и во центар за нуклеарна медицина.

Во изминатите недели, ИРСН и други институти за нуклеарна безбедност во Европа измерија високи концентрации на рутениум 106, кој не се јавува природно. Поради краткиот период на полураспаѓање од околу една година, рутениум 106 се користи во медицината.

Францускиот институт вели дека радиоактивниот облак нема влијание врз здравјето на луѓето или врз животната средина во Европа.

Во соопштението се наведува дека не може точно да се утврди местото на потеклото на радијацијата, но според временските услови веројатно потекнува јужно од планината Урал, меѓу Урал и реката Волга.

Руските власти рекоа дека не знаат за никаков инциденти на нивна територија, вели директорот на ИРСН, Жан-Марк Перез.

Претставници на казахстанскиот Институт за нуклеарна физика во Алмати за Радио Слободна Европа денеска рекоа дека не се забележани нуклеарни истекување во земјата во септември и во октомври. Во казахстанскиот Институт за радијациона безбедност и екологија во Курчатов, пак, велат дека Казахстан нема постројки од кои би можел да протече рутениум 106.

Европските мерни станица забележаа високи концентрации на рутениум 106 во атмосферата над поголемиот дел од Европа на почетокот на октомври, но од 6 октомври концентрациите постојано се намалуваат.

ИРСН соопшти дека почетната количина на истекување била голема и дека ако такво нешто се случело во Франција ќе морало да се евакуираат луѓето во радиус од неколку километри од местото на несреќата.

XS
SM
MD
LG