Достапни линкови

Заев - Очекуваме жестока реакција од Русија при влегувањето во НАТО


Премиерот Зоран Заев

НАТО и ЕУ се единствена алтернатива за Македонија и очекувам жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за прием на земјата во Северноатлантската алијанса, рече премиерот Зоран Заев во интервју за црногорското радио „Антена М“.

Гостувајќи во емисијата „Жива вистина“, Заев рече дека е подготвен за жестоката реакција од Москва, слично како што беше случајот и со приемот на Црна Гора во НАТО.

„Ние сакаме да ја унапредиме соработката со Русија, сакаме на пример таму што повеќе да продаваме домати, зелка и други земјоделски производи. Сепак, ние немаме алтернатива, нашиот избор се ЕУ и НАТО“, истакна Заев.

Вели дека е подготвен на сè за остварување на овие цели, бидејќи, како што вели, тоа е единствена опција.

„Знам дека имаше обиди за ликвидации и добро е што навреме се реагираше и тоа беше спречено. Некои аналитичари ми велат – сега си ти на ред. Ако нешто треба да се случи, нека се случи. Јас ја прифатив работата на премиер, на мојата земја и треба лидер и подготвен сум да носам одлуки какви што очекуваат нашите граѓани, по секоја цена, па нека биде што биде“, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи оти е уверен дека Македонија ќе стане 30 членка на НАТО.

XS
SM
MD
LG