Достапни линкови

Непокорливите енергии на Мазев ретроспективно во Даут пашин амам


Петар Мазев, плакат за изложбата

Над 70 дела работени во разни техники, кои малку или воопшто не биле изложувани досега, ја чинат големата ретроспективна изложба на еден најистакнатите претставници на современото македонско сликарство Петар Мазев, што од 2 ноември до средината на јануари наредната година, ќе се одржи во Националната галерија на Македонија, во објектот Даут пашин амам. Станува збор и не само за ликовен настан на сезоната кај нас со кој се чествува 90-годишнината од раѓањето на уметникот.

Мазев е оригинален творец – фигуративен експресионист преокупиран со човекот и љубовта кон него. Вака во само една реченица американскиот ликовен критичар Џон Расел, во денес далечната 1981 година, во изданието на реномираниот Њујорк тајмс од 13 февруари, го опишал Петар Мазев по повод неговата самостојна изложба во тогаш Југословенскиот културен центар. Тој не само што го издвојува неговото дело како засебно уметничко творештво со врвно значење туку и нагласува дека „ во сликите на Мазев е вградена една нескротлива и непокорлива енергија што произлегува од македонската традиционална неизмерлива слобода на умот, како и од географската положба на Македонија, која се наоѓа на клучната точка меѓу Исток и Запад“.

Еден друг, пак, критичар Хери Швалб го споредил со Полок и Де Кунинг.

За творештвото и емоциите на Мазев, за тоа како биле создавани неговите слики, „тој еден вид натпревар меѓу мислите и чувствата, меѓу инстинктот и знаењето, меѓу интуицијата и искуството“, „за човекот и светлината како негови две основни водилки“, пишувале и мнозина други.

Обмислена како многу амбициозен проект и работена во изминативе 300 дена од тековната календарска година, со цел да се чествува 90-годишнината од раѓањето на генијот, на македонската ликовна сцена и воопшто на македонската култура, во периодот од 2 ноември до средината на јануари, ќе и се случи големата ретроспективна изложба на Петар Мазев. Изложбата е составена од повеќе од 70 дела работени во разни техники, кои малку или воопшто не биле изложувани досега, и кои прават пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци во 50-те години од минатиот век и се до неговата смрт 1993 година.

„Идејата беше денес речиси 25 години од неговата смрт и 90 години од неговото раѓање да направиме пресек, да се потсетиме и да потврдиме каква улога Петар Мазев одигра на македонската ликовна сцена, со една дистанца од времето кога живееше и твореше меѓу нас. Оттука неколку ликовни критичари кои имаа можност лично да го познаваат, да соработуваат и да полемизираат со него во годините зад нас беа поканети да донесат свои впечатоци за Перо Мазев денес, кога неговото творештво заради својата исклучителност и коренитост доби своевидно митолошко значење“, вели Маја Неделкоска - Брзанова.

Таа дополнува дека тие дела условно следат еден временски дискурс откривајќи го неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот ликовен гениј од самите почетоци во 50-те години на минатиот век, со надреални, фигуративни мотиви, преку карактерисичниот енформелски израз во 60-те, па се до последните години од неговиот живот „кога неговата карактеристична експресивна природа кулминира со експлозивни платна со апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит“.

Соња Абаџиева, како современик и проследувач на уметничките изблици на Петар Мазев, знае да каже дека „тој бил настан сам по себе – хепенинг и во животот и во творештвото“. Таа притоа, потсетувајќи се на отворањето на неговата самостојна изложба во 1966 година во првата галерија на Музејот за современа уметност која била обоена од колони на луѓе во публиката и безмалку блокиран сообраќај, потем на првиот хепенинг во неговото атеље во Сарај, заедничката изложба со Лубарда, истакнува дека токму и затоа „сегашната јубилејна изложба ќе биде екстаза на посета и восхит“. Според неа, тоа ќе биде покажување на една вистинска уметност која се создавала и искрено и спонтано и чесно, со страст, љубов, енергија и занес, со болка и страв од непознатото“.

„Од поставката зрачат неговата апсолутна љубов кон човекот, неговиот хедонизам, хаманост, емпатија. Петар Мазев – човекот филантроп до коска, со вложувањето во емпатијата цел живот, ни покажувал и докажува колку и нему ми е потребна љубовта и колку без неа е немоќен. Со посебен сензибилитет и пиетет за националното, за македонското, тој всушност го дефинирал сопственото творештво како припаѓачко на светското големо село“, вели Абаџиева.

Појаснува дека Мазев е аргументиран пример за професор (Архитектонски факултет и потоа Факултет за ликовни уметности) кој им давал творечки поттик на редица млади автори, на вистински начин и во вистинско време. Дека ги заразил со својата енергија, харизма и восхит кон уметноста, и дека како ретко кој оставил мнозина свои следбеници „кои континуирано ги одржуваат топлината и пулсот на сликарството, раководено од срцето и сликано со душата“.

„Мазев е сега меѓу нас или ние сме го обиколиле во овој простор, укажувајќи дека е време да се разбудиме од сонот и летаргијата во кои не втурнуваат луѓето кои не ја познаваат професијата на селектирање и вреднување и на автохтоната уметност. Неговиот личен подвиг и експеримент се претвори во национална парадигма на визуелните уметности во Македонија“, смета Абаџиева.

Кон ова само уште информацијата дека во пресрет на ретроспективната изложба на Петар Мазев е отпечатено и репрезентативно монографско издание на 240 страници, со текстови на Соња Абаџиева, Викторија Васева Дамеска, Владимир Величковски, Конча Пиркоска и Мирјана Талеска. Згора на тоа за време на постановката ќе бидат организирани и дискусии и работилници, а од Националната галерија на Македонија информираат дека овој исклучително значаен проект нема да го има само локалниот предзнак туку онака како што и прилега ќе му биде претставен на регионот и пошироко во светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG