Достапни линкови

Новинарството непожелна професија за помладите


Микрофони поставени на прес - конференција.
Микрофони поставени на прес - конференција.

Мали и нередовни плати, без здравствено осигурување, ограничувања, затворање медиуми се само дел до работите кои ја чинат грда сликата на новинарството. Затоа млади дипломирани новинари ја напуштаат професијата и си бараа нова работа.

Младиот Никола Симовски од Тетово спаѓа меѓу оние кои дипломирале новинарство, но потоа се одлучиле да работат нешто сосема друго. Додека студирал одел на пракса во неколку медиуми, имал и неколку повремени работни ангажмани. Сепак по завршувањето на образованието одлучил дека новинарството е професија во која не гледа иднина, поради ограничувањата со кои се соочуваат новинарите.

„Јас сум дипломиран новинар. Завршив уште пред три години. А во меѓувреме се занимавав со новинарство подолго време, но сфатив дека тоа всушност не е за мене, затоа што тоа што јас го замислував дека е слободна и креативна професија, всушност во пракса не е така. Дека крајниот збор го имаат некои други луѓе кои што нели ограничуваат во тоа што ние треба да напишеме и кажеме. Во тој случај јас одлучив дека не би работел нешто што ме спречува или ограничува во тоа што јас сакам да го кажам или да го напишам. Така јас се одлучив да станам мејк ап артист што всушност ми беше и хоби додека студирав. Па така си продолжив со таа професија и сега сум надвор од новинарството. Донекаде не ми е криво. Убава професија е новинарството, но сепак сметам дека во Македонија и на Балканот, ниту е ценета, ниту е платена“, вели Никола Симовски.

Маријана Антовска - Живковска, по студирањето новинарство, неколку години работела во локален медиум. И таа се одлучила дека повеќе нема зошто да ја работи оваа професија. Ниските и нередовните примања како и воопшто лошата состојба во новинарството се причината и Маријана исто како Никола да најде нова работа во сосема друга индустрија.

„Иако сум релативно млада, сметам дека од година в година условите во кои работат новинарите се влошуваат. Причината поради која јас неодамна го напуштив новинарството е платата. Освен што беше мала и истата беше и нередовна и заради нередовната исплата речиси цела година бев без здравствено осигурување. Тоа е главната причина заради што го напуштив новинарството, но се надевам дека не засекогаш. Кога работите еден ден би станале поинакви повторно би се вратила на таа работа“, вели Маријана Антовска – Живковска.

Низ Македонија во изминатите години се бележат голем број случаи новинарите и принудно да останат без работа. На разни начини и поради повеќе причини добиваа откази од раководствата, а чести беа и затворањата на медиумите.

XS
SM
MD
LG