Достапни линкови

Петковска – Државата систематски им прави проблеми на новинарите


Има систематска негрижа од институциите за тоа дали новинарите имаат услови за работа. Од друга страна, дел од институциите изминативе години систематски оневозможуваат нормална работа на новинарите, вели Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Колку државата обезбедува сигурна средина за новинарите безбедно и независно да ја извршуваат својата работа? Какво е вашето мислење, колку новинарите беа заштитени за време на крвавите настани во Собранието?

Мислам дека најдобар доказ за тоа колку државата се грижи за заштита на новинарите е неодамнешната пресуда на Судот за човекови права во Стразбур, кој во пресудата Селмани и други против Република Македонија, јасно пресуди во корист на тужителите и потврди дека државата не успеала да го гарантира правото на слобода на изразување и правото на фер судење на новинарите коишто на 24 декември беа брутално избркани од Собранието. Слична епизода се случи и овојпат на 27 април, неодамнешните нереди во Собранието, кога повторно новинарите беа физички нападнати, додека ја извршуваа својата работна задача и тоа во институција во која во секоја нормална држава треба да претставува храм на демократијата или место кадешто новинарите треба да уживаат максимална слобода во својата работа.

Насилство, вознемирување, заплашување на новинари за време на протести, митинзи, предизборни кампањи, е сценарио на кое за жал се навикнуваме. Европската унија и САД постојанo ги повикуваат властите да ги истражат случаите и прекршителите да бидат изнесени пред очите на правдата. Зошто кај нас овие настани се премолчуваат или брзо се заборава на нив?

Мислам дека се работи за еден системски проблем и една систематска негрижа од страна на институциите за тоа дали новинарите имаат или немаат услови за работа. Од друга страна, она што Македонија ја издвојува како еден специфичен пример е тоа што дел од институциите на државата, систематски изминативе години, самите директно или индиректно многу често донесуваат оневозможување за нормална работа на новинарите, известување од одредени институции, одредени настани, и самите всушност продуцираа проблеми или беа директно вклучени во инсценирање на таквите проблеми.

Што значи згаснување на медиуми во едно демократско општество и дали на тој начин се замолчува и се девалвира работата на новинарите?

За жал, последните најави и постапки за кои бевме информирани, особено поврзани со воведувањето стечајна постапка за најголемата издавачка куќа МПМ се длабоко вознемирувачки, бидејќи, со овие одлуки се згаснаа два исклучително важни печатени медиуми , кои не се медиуми коишто се од вчера. Тоа се медиуми коишто во изминативе20 и повеќе години дале значителен придонес во развојот на новинарството, развојот на слободната мислам, развојот на демократијата и развојот на државата во целина. Некој може да каже, па добро, медиуми згаснуваат секаде во светот, се затвораат едни, се отвараат нови, меѓутоа овде се работи за еден специфичен случај во кој постојат сомнежи за намерно затворање на медиумите и сомнежи за политичка поврзаност и злоупотреба на овие медиуми со досегашната власт. Знаеме дека МПМ беше предмет на интерес на Специјалното јавно обвинителство, и мислам дека во интерес на сите, не само на вработените таму, коишто се исклучителни и голем дел од нив се исклучителни професионалци и тие навистина неправедно се засегнати со оваа ситуација и се оштетени од неа, мислам дека институциите треба да се заложат да се расчисти маглата околу овој случај за да дознаеме што навистина се случило таму.

Целото интервју со директорката на МИМ, Билјана Петковска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG