Достапни линкови

Груевски никогаш за ништо не презел одговорност


Прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и по вториот круг на локалните избори одби да понесе одговорност, туку за лошиот резултат на партијата ја обвини полицијата, но и дел од раководството на партијата. Според експертите, директен виновник за поразот на ВМРО-ДПМНЕ е токму Груевски и можно е тој да жртвува високи претставници на партијата за да се спаси себе си.

ВМРО-ДПМНЕ загуби на локалните избори и по бројот на освоени општини и по бројот на освоени гласови. Двата критериума кои, како што пред изборите изјави лидерот на партијата Никола Груевски, се важни за да се определи кој повеќе нема да ја ужива довербата на граѓаните и порача, доколку тоа и се случи на ВМРО-ДПМНЕ тој ќе ја сноси одговорноста за поразот. Но, по завршувањето на гласањето на вториот круг од изборите Груевски за лошиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини полицијата, но и раководството на партијата без вината да ја побара во себе си.

„Како што кажав во едно мое неодамнешно интервју, дел од гласовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги доби на претходните, а не ги доби на овие избори, се заради одредена разочараност или лутина на наши традиционални поддржувачи, заради нивна проценка дека се направени некои грешки или слично од централното или од локалното раководство на партијата, и некои нивни незадоволства поврзани со поединци од нашата партија на различно ниво“, рече Груевски.

Политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски посочува дека Груевски уште од процесот на потпишување на договорот од Пржино го погазува својот збор. Очекувано е за Груевски, како што наведува, да ја префрлува вината, односно виновни да бидат сите останати освен тој.

„Така што не е изненадување изјавата на Никола Груевски. Меѓутоа сметам дека час поскоро тој треба да се освести на некој начин и да ги согледа вистинските причини за изборниот пораз. Со оглед на тоа дека целата негативна кампања беше насочена кон него, односно доколку гласот за кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е глас за Груевски мислам дека тоа е директната причина за овој изборен пораз така што без размислување сметам дека треба да поднесе неотповиклива оставка и тој и целото потесно раководство, односно Извршниот комитет на партијата“, смета Гаџовски.

Гаџовски не ја исклучува опцијата Груевски да жртвува други, но според него, нема да има поголемо разочарување за членството на партијата тој да остане на лидерската позиција.

„Можно е да го направи тоа да смени неколку луѓе од раководството, меѓутоа пак ќе потенцирам дека клучниот виновник кој треба да сноси директна одговорност за овој тежок изборен пораз е лично Никола Груевски“, додава тој.

Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повика Груевски да поднесе оставка од лидер на партијата. Владимир Ѓорѓев од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција порача дека зад одлуката на Груевски за непризнавање на резултатите од изборите стои целиот Извршен комитет на партијата.

Груевски и по скандалот со прислушувањето одби да сноси одговорност, туку тоа го направија високи функционери на партијата и министри кои поднесоа оставки од функцијата и од раководството на партијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG