Достапни линкови

Економијата и изборите - главни теми во медиумите


Локални избори 2017.

Ревидираните прогнози за економскиот раст, подготовката за вториот круг од локалните избори, процесот на екстрадиција на уапсените разузнавачи Грујевски и Бошкоски, измените во Законот за пушење, се теми за кои анализираат медиумите.

Политичката криза го зема данокот

„Политичката криза го зема данокот – Светска банка надолно ги ревидира прогнозите за македонската економија“ – ја објави прогнозата на Светска банка Нова Македонија, дополнувајќи дека македонскиот БДП годинава ќе оствари пораст од само 1,5 отсто, што е намалување во однос на априлската проекција кога предвидуваше пораст од 2,5 отсто. Слободен печат пренесува став на Стопанската комора на северозападна Македонија: „Компаниите бараат да нема нови избори и да се спроведе попис“, дополнувајќи ја информацијата со гледиштето дека иако во последниве четири месеци во однос на бројките и економските показатели немало поместувања, „евидентна е релаксираноста на фирмите кои веќе размислуваат за инвестиции но само ако нема нови предвремени парламентарни избори“. За ВМРО-ДПМНЕ „Владата на СДС целосно ја уништува економската клима, ги зголемува даноците и воведува нови давачки“, го цитира порталот Курир соопштението на партијата.

Подготовка за втор круг избори

Инаку, „Во тек се подготовките за вториот круг од локалните избори“ – пишува Нова Македонија, а Вечер ја пренесува одлуката на ДИК: „Нема прегласување, откако ги доби одлуките за тужбите од Управниот суд, Комисијата ги потврди конечните резултати за првиот круг од локалните за општините за кои имаше приговори и тужби од партиите“. Слободен печат, и другите печатени и електронски медиуми ја објавуваат изјавата на Зијадин Села:

„Алијансата за Албанците останува во владината коалиција. Информациите за излегување од Владата се шпекулации, дел од пропагандата на ДУИ“.

Ќе бидат ли испорачани Грујевски и Бошкоски?

Порталот Фокус информира: „ОЈО не планира да ги повика Муковски и останатите ’вратари‘, уште биле во предистражна постапка“ – пренесувајќи ја изјавата на обвинителката по предметот, Вилма Русковска, која во телефонската изјава за порталот рекла дека „нивното дело (во Собранието) сите го виделе, но во моментот немам намера да ги повикам додека не заврши предистражната постапка“. Во врска со новото одложување на судењето во солунскиот суд за фалсификувани бугарски пасоши на уапсените Грујевски и Бошкоски, Вечер пренесува изјави на безбедносни експерти за АлсатМ дека поранешните агенти можат да понудат доверливи информации на грчките тајни служби, а за возврат да очекуваат да не бидат испорачани на Македонија за да им се суди за скандалот со нелегалното прислушување и уништувањето на опремата во УБК. Насловот во истиот весник е со обратна поента:

„Дали Грците ќе им понудат разузнавачка соработка на Грујевски и Бошкоски“.

Законот за пушење крена прашина

А во врска со предлозите за промена на Законот за пушење и дискусиите на социјалните мрежи, Слободен печат насловува:

„Угостителите тријат раце, непушачите ифрит лути“.

А Министерството за здравство на Твитер објави дека е против „олабавен“ закон за пушење.

Инфографика за Закон за пушење
Инфографика за Закон за пушење

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG