Достапни линкови

Намалениот род го поскапе гравот тетовец


Архивска фотографија - Продавач на грав.
Архивска фотографија - Продавач на грав.

Годинава приносите од грав се значително помали, поради високите температури во фазата на цветање на ова култура. Помалите количини се причина да порасне цената, па на пазарите еден клограм грав се продава и за 200 денари.

По само една година повторно како во 2015-тата, оваа есен повисока цена има гравот тетовец, една од најпрепознатливите земјоделски култури во полошкиот регион. Исто така, како пред две години, цената е повисока поради значително намалениот род. Одгледувачите и пазарџиите велат дека гравот и понатаму е баран, но поради цената се внимава на тоа колкава количина ќе се купи.

„Моменталната цена е навистина превисока за нашите услови, за нашата економска состојба, некаде околу 200 денари се движи цената за килограм грав. Намален е родот оваа година поради големата суша што беше. Се знае гравот сака вода, такви работи. Вообичаена цена е 120 до 150 денари максимум“, вели Пеце Стојчевски, продавач на пазарот во Тетово.

Стручните лица од агрономијата објаснуваат дека земјоделците добиле помали количини грав поради високите температури, кои влијаеле врз културата во фаза на цветање. Агрономот Петре Петревски од тетовскиот центар на Агенцијата за поддршка и развој на земјоделието, вели дека топлото време придонело да не процвета цветот кај оваа култура во најважниот момент при созревањето.

„Со новите климатски промени, особено кај гравот, во време на цветањето доколку се појават високи температури и слаба релативна влажност доаѓа до отфрлање на цветот и со тоа имаме последица да не врзе, односно да не плодоноси гравот. Така се случи оваа година, исто како и во 2015. Но поради тоа што гравот заедно со пченката се сее и во период на цветање може да се случи да не цвета подеднакво насекаде и затоа имаме одредени површини одредени делови каде што има појава на грав плодоносен, а некаде нема. И во таа ситуација е намалено производството на грав, а тоа е последица од високите температури во време на цветањето. Гравот тоа е една од карактеристиките не секогаш ама во вакви ситуации доведува до намален принос“, вели агрономот Петревски.

Тоа е дел од процесот на одгледување на гравот врз кој земјоделците немаат можност директно да влијаат, туку зависи од временските пригоди.

„Се разбира и други фактори можат да влијаат, тоа е недоволна зафатеност на влада, вода и други фактори, но најголемиот фактор е во однос на тоа да нема плодоносење при високите температури во време на цветањето. Кај другите фактори може да се интервенира, но последицата од високи температури тешко можат да се одбранат“, вели Петревски.

Се проценува дека намалувањето на родот на гравот е варира од 50 па и до 90 проценти. Тетовските земјоделци гравот претежно го одгледуваат заедно со пченка, која служи како потпорна конструкција за растење во височина, каде исто така се бележи намален принос. Гравот се сее кон крајот на април и почетокот на мај, а се бере почнувајќи од последните денови на август, но и во текот на септември.

XS
SM
MD
LG