Достапни линкови

Локални избори во Косово


Илустрација-гласачко место во Косово
Илустрација-гласачко место во Косово

Во Косово денеска се одржуваат седмите по ред локални избори по војната на кои право на глас имаат 1.890.952 гласачи. Претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај ги повикаа граѓаните масовно да излезат на гласање.

Гласачите во Косово денеска се изјаснуваат на изборите за 38 градоначалници и совети на општините што се смета за уште еден чекор за младата држава да ги зацврсти своите демократски капацитети. Околу 1,8 милиони луѓе имаат право на глас кое може да го остварат на 2.505 избирачки места. Најинтересна се очекува да биде трката за градоначалник на Приштина.

На изборите учествуваат 204 кандидати за градоначалници, од кои само осум се жени, а во трката за советите на општините влегоа 6.877 кандидати. За изборите се пријавија 91 политички субјект од кои една коалиција, 35 партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати. Деветнаесет субјекти се од српската заедница.

Процесот го пратат повеќе од 33 илјади набљудувачи кои внимаваат на каков било знак за меѓуетнички тензии, особено во северниот дел населен со Срби. Во Косово има околу 120 илјади Срби и повеќето од нив се против властите во Приштина. Централната изборна комисија соопшти дека во 27 општини мнозинството се етнички Албанци, во десет општини се Срби, а во една мнозинството се Турци.

До 11 часот, како што соопштија изборните власти, гласале 10,05 отсто од гласачите, што е помалку од локалните избори во 2013 година, кога излезноста до 11 часот била 12 отсто. По гласањето во Приштина, шефицата на Централната изборна комисија, Валдете Дака, побара изборите да бидат фер и демократски, а регистрираните гласачи да го остварат своето право на глас. Таа подоцна рече дека гласањето се одвива нормално и дека нема регистрирано поголеми нерегуларности.

Портпаролот на косовската полиција Баки Келами, за Радио Слободна Европа, изјави дека процесот се одвива без проблеми. Државниот јавен обвинител Александар Љумези рече дека не се забележани неправилности кои би можеле да го загрозат изборниот процес. Од обвинителството соопштија дека се пријавени два случаи и дека три лица се приведени поради кривично дело давање и примање поткуп за гласање.

Претседателот на Косово Хашим Тачи, откако го оствари своето право на глас, ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање и им се заблагодари на сите што учествувале во организација на изборите. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека пред Косово е многу работа, а дека дел од таа работа се завршува во општините.

„Само со работа можеме да постигнеме развој и економски раст а тоа бара активна улога на граѓаните“ рече Харадинај.

Гласачките места беа отворени во 7 часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG