Достапни линкови

Ќерката на менторот на Путин, кандидат за руски претседател


Руската телевизиска ѕвезда Ксенија Собчак објави дека планира да се кандидира на претседателските избори следната година. За неа, како што изјави, можат да гласаат сите оние кои се несреќни од владеењето на Кремљ. Сепак, Собчак има мала шанса за победа.

Анкетите покажуваат дека претседателот Владимир Путин со големо мнозинство ќе биде реизбран доколку, како што очекуваат повеќето аналитичари, реши да се трка за неговиот четврти мандат во март.

Значително помалубројните независни гласачи го обвинуваат Путин за раководење на корумпиран систем што ја изолира Русија од надворешниот свет.

Некои од нив учествуваа на протестите организирани од критичарот на Путин, Алексеј Навални.

Но, руските официјални претставници велат дека Навални не може да се кандидира за претседател поради кривична осуда за која тој вели дека му била наместена.

Собчак, која од магазинот „Вог“ е опишана како руска верзија на американката Парис Хилтон, вели дека решила да се кандидира, бидејќи и се лошело од истите политичари, вклучувајќи го и Путин.

Во видео клипот објавен на интернет таа вели:

„Моето име е Ксенија Собчак и имам 36 години. Како и секој друг руски државјанин сега имам право да се кандидирам за претседател. Решив да го искористам ова право, бидејќи сум против сите оние кои обично го користат тоа право“, вели таа.

Ксенија е ќерка на Анатолиј Собчак, поранешен градоначалник на Санкт Петербург кој го ангажирал Путин како официјален претставник во Градското собрание во деведесетите години од минатиот век.

Собчак, кој почина во 2000 година, му беше ментор на Путин.

Мајката на Собчак е Људмила Нарусова, која седи во Горниот дом на рускиот парламент.

Налогот на Ксенија Собчак на Инстаграм има над 5 милиони следбеници.

По дипломирањето на универзитетот во Москва, таа стана национално славна личност како домаќин на руската телевизиска емисија „Дом 2“.

Собчак се активира во политиката во времето кога Путин, во 2012 година, беше повторно избран за претседател, откако четири години се повлече во согласност со ограничувањата на уставниот рок.

Таа се појавува на митинзите на опозицијата, а се изјаснува против Кремљ на социјалните медиуми.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG