Достапни линкови

Путин победи, протестите забранети


Руската полиција приведе неколку десетици демонстранти, вклучувајќи и тројца опозициски лидери, откако насилно ги растури протестите во Москва по изборната победа на Владимир Путин, со што тој по третпат ќе биде претседател на Русија. Во меѓувреме, Вашингтон побара од руските власти да ги истражат наводи за нарушување на изборниот процес.

Полициските сили за справување со нереди синоќа брутално ги отстранија и последните двесте луѓе кои протестираа во центарот на Москва.

Меѓу приведените биле и опозициските лидери Сергеј Удаљцов, Иља Јашин и Алексеј Навални, кои по неколку часа биле пуштени на слобода.

До ова дојде откако околу 20 илјади Руси се собраа на Пушкиновиот плоштад за да бараат нови избори наместо одржаните ден пред тоа на кои Владимир Путин однесе лесна победа со освоени скоро 64 насто од гласовите.
Растурен митингот на опозицијата во Москва
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00
Директен линк
Демонстрантите извикуваа пароли против победата на Путин со која тој добива можност да доминира со руската политичка сцена до 2024 година

„Сметаме дека одржаните претседателски избори не се легитимни и дојдовме тука да протестираме. Имаше многу нарушувања и фалсификати, но тие употребија поинакви методи кои тешко се откриваат“, вели 32-годишната продавачка Саша Примакова.

Вчерашното растурање на протестите до кое дојде по сезоната мирни демонстрации на опозицијата, може да претставува сигнал дека, по обезбедената победа за Путин, кај властите се намалува толеранцијата во врска со несогласувањето на јавноста во земјата.

Токму затоа, некои од учесниците велат дека е клучно протестите да продолжат и натаму.

„Секој кој сака да живее во нормална Русија и секој кој сака промени на подобро, треба да биде со оние што ги организираат овие протести“, вели 48-годишниот Александар.

Протести имаше и пред Централната изборна комисија во Москва каде што беше уапсен лидерот на опозициската коалиција Друга Русија, Едуард Лимонов.

Ден пред тоа, победникот Путин својата победа ја оцени за чиста и фер. Но, западните монитори соопштија дека изборите биле во голема мера пристрасни во полза на Путин, а изборниот процес бил без вистинска политичка конкуренција.
Сметаме дека одржаните претседателски избори не се легитимни и дојдовме тука да протестираме. Имаше многу нарушувања и фалсификати, но тие употребија поинакви методи кои тешко се откриваат.
Саша Примакова, демонстрант.

Иста беше и оценката на волонтерските изборни монитори, како на пример 21-годишниот Баклон, студент по право на Универзитетот во Москва, кој учествуваше и на протестите.

„Путин веќе 12 години ја понижува Русија. Ако така продолжи, Русија ќе западне во хаос. Затоа сакам чисти избори, а не како овие.“

Во првата реакција на изборите, официјален Вашингтон со оценка дека изборите минале со поголема контрола од страна на самите Руси, но и со поголема транспарентност во споредба со парламентарните избори одржани во декември.

„Но, овој процес треба да продолжи“, изјави портпаролот на Стејт департментот Викторија Нуланд.

„Многу јасно кажавме дека ОБСЕ, чиј извештај го поддржуваме, беше загрижен за условите под кои беше спроведена кампањата, употребата на владини средства за партиски цели, медиумското покривање, како и процедуралните неправилности на денот на изборите.“

Нуланд изрази надеж дека сега по завршените претседателски избори, владата во Москва ќе го сврти вниманието кон трагедијата во Сирија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG